Број на текстови објавени денес: 0

Инфоцентар: Во „Акцент“ на МРТ1 се избегнуваат теми за СЈО, сиромаштија, јавен долг

akcent-280x203

НВО Инфоцентар го објави третиот извештај од мониторингот на информативната програма на првиот програмски канал на македонски јазик – МРТ1 во кој е анализирана едночасовната дебатна емисија Акцент, која се емитува секој четврток во вечерните термини на првиот телевизиски канал на МРТ. Во анализата се вклучени пет изданија на Акцент, емитувани на 20 и 27 октомври и на 3, 10 и 17 ноември 2016 година.

„МРТ1 не понуди објаснување за тоа врз основа на кои критериуми ја прави селекцијата на теми за дискусија, особено за оние изданија на емисијата „Акцент“ посветени на само една тематска област. Иако образованието и здравството се теми од значаен јавен интерес, сепак се поставува прашањето зошто токму овие области беа избрани за дебатно соочување на најголемите политички партии од власта и опозицијата. Особено, ако се има предвид дека во овој период во јавноста и во вестите на МРТ1 беа застапени и други исклучително важни и горливи теми од јавен интерес, како на пример, прислушувањето, корупцијата, зголемувањето на државниот и јавниот долг, сиромаштијата, Скопје 2014, состојбата со слободата на изразување и медиумите, судството, истражните постапки на СЈО“, се вели во анализата

Водителот има неутрален и балансиран тон во обраќањето спрема учесниците, а во текот на дискусијата ги брани принципите на јавна и инклузивна демократска дебата.

„Ваквата интервенција има конструктивна улога во балансирањето на информациите и гледиштата во дебатата, но, сепак, останува впечатокот дека, понекогаш, дел од гостите не успеваат да се изборат за еднаква „гласност“ во дискусијата.  Прашањата на новинарот се најчесто општи и непристрасни. Тој ја креира основната рамка за дебата, не навлегува подлабоко во темите, не поставува „тешки“, непријатни, деликатни и провокативни прашања и остава самите учесници да ги диктираат аспектите, тонот и интензитетот на меѓусебната дискусија. Од серијата прашања на различни теми може да се увиди дека позицијата на неутралност на новинарот и избегнувањето критички прашања, повеќе им одговара на владејачките партии, бидејќи на ваков начин тие се поштедени да дадат одговори за бројните проблеми во различни општествени области во кои токму власта креира и спроведува политики.“, констатираат истражувачите.

Во дебатата од 27 октомври, стои подолу во текстот, во делот за економија, новинарот своите прашања ги конципираше врз основа на сугерирачки, позитивен и некритички приод спрема владините економски политики.

„Дискусијата беше поставена во еднострана рамка, на линија на власта и нејзините ставови дека проблемите во економијата се предизвикани од политичката криза, дека пред кризата Македонија била атрактивна за странски инвестиции, дека невработувањето е на „историско“ најниско ниво и дека амбиентот за водење бизнис е одличен“, се вели во анализата.

Три од петте предизборни дебатни изданија на „Акцент“ беа достапни и на македонскиот знаковен јазик за глувонеми лица.