Број на текстови објавени денес: 2

Избирачкиот список никако да куртули од фантомски глачаси

download752

Прочистувањето на Избирачкиот список што Државната изборна комисија го правеше по налог на политичките партии се чини не даде некои поголеми резултати, бидејќи откако почна увидот повторно граѓаните пријавуваат голем број на фантомски гласачи.

– На улицата Кузман Јосифовски во Прилеп во нашата семејна куќа каде единствено живее мојата мајка и снаа, има регистрирано уште едно лице, Стефан Котевски, кого ние не го познаваме. Во соседната куќа до нашата има осум такви лица, никој ни ги видел ни ги познава, а тие тука се регистрирани како гласачи. Какво чистење на избирачкиот список е направено стварно не разбирам – вели наш читател.

Тој реагира и на тоа што овој пат кога сакал во ДИК да ги пријави фантомските гласачи, оттаму му рекле тоа да го направи во Министерството за внатрешни работи.

Пријави за фантомски гласачи стигнале и во граѓанската организација Цивил.

– Ние имавме пријави за повеќе од 200 фантомски гласачи и може да кажеме дека дел од нив не се веќе на списокот. Но забележуваме дека има и шеесетина нови во проверките што до сега сме ги направиле. Исто така забележуваме тенденција старите фантомски гласачи да се префрлаат на други адреси. Денеска регистриравме случај во Тетово што се уште го проверуваме, во кој на адреса што воопшто не постои реално, односно имате адреса, а немате објект се регистрирани стотина гласачи – вели Џабир Дерала од Цивил.

Лилјана Поповска од ДОМ објаснува дека нивните анализи и покрај вкрстените проверки што ги правеше ДИК и дополнителните проверки преку активна регистрација што се правеше по договор меѓу четирите најглеми партии, покажуваат дека на Избирачкиот список има меѓу 50.000 до 60.000 фантомски гласачи.

– Имаше 6.000 пријави за фантомски гласачи од граѓани и организации до ДИК, а по нив воопшто не се постапи. ДИК прво не повика да пријавуваме, а потоа нашите пријави не ги разгледуваше. Тоа беше измама од ДИК – вели Поповска.

Таа објаснува дека добро е тоа што од 330.000 гласачи кои беа идентификувани како спорни околу 172.000 се префрлија на посебен список бидејќи со тоа се намалуваат можностите нивниот глас да се злоупотребува.

– Се избришаа околу 30.000, но сепак остануваат уште околу 115.000 кои требаше дополнително да се проверат, а тоа не се случи – вели Поповска.

Од Државната изборна комисија објаснуваат дека тие не може да проверуваат како некое лице ја добило личната карта врз основа на која е ставено во Избирачкиот список па и затоа дале насоки до подрачните одделенија сите граѓани кои сакаат да пријават фантомски на нивните адреси тоа да го сторат во Министерството за внатрешни работи.

Кога минатиот пат Оливер Спасовски го водеше МВР, информираше дека се пронајдени околу 424 лични карти кои се издадени без да постојат документ. Исто така МВР испрати до ДИК информација дека за околу 19.000 лични карти не постојат документи врз основ на кој тие се издадени, и побара дополнително време за проверки, но изборите се откажаа и тоа остана непроверено.

Увидот на списокот за изборите закажани на 11 декември трае до 11 ноември, а десет дена пред изборите ДИК треба да го заклучи списокот. Новина на овие избори е тоа што на Избирачкиот список ќе има и фотографии на гласачите кои се земаат од базата на МВР, со што би требало да се намали можноста да се гласа во туѓо име.