Број на текстови објавени денес: 0

Иванов бара ЕУ да ни овозможи пристап до нивните безбедносни сервери

prm_zbogar

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Дојран оствари средба со Шефот на делегацијата на Европската унија во Република Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар.

„На средбата се разговараше за европските интеграции на Република Македонија, за состојбите со бегалската и мигрантската криза, како и за актуелните политички случувања во Република Македонија.

Претседателот Иванов на средбата со амбасадорот Жбогар ја посочи потребата од нов пристап на ЕУ кон Република Македонија, истакнувајќи дека досегашниот пристап на Унијата се покажа како непродуктивен и резултираше со ретроградни политички процеси во земјата, наместо унапредување на политичката култура и на реформските процеси.

Во однос на бегалската и мигрантската криза, соговорниците разменија мислења за најавите за нов бегалски бран и можностите за зголемување на безбедносните ризици и закани од насилен екстремизам. Потенцирајќи ја важноста на стабилноста и безбедноста на регионот и Европа, македонскиот претседател ја реафирмираше потребата од пристап до базите на податоци на ЕУ за внес и споредба на податоци на мигранти и странски терористички борци, размена на податоци и зголемена соработка меѓу разузнавачките и другите безбедносни служби“, извести Кабинетот на Иванов.

– И покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажа дека има стабилни институции, проактивен и превентивен пристап во справување со мигрантската криза. Вие не можете да ги заштитите вашите надворешни граници, ако прво не ги обезбедите коридорите долж државите кои се надвор од ЕУ. На Македонија и е потребна помош за да ви помогне вам – порача претседателот Иванов на средбата со амбасадорот Жбогар.

На средбата претседателот Иванов и амбасадорот Жбогар разменија мислења и за надворешната политика на Република Македонија во однос на соседните земји и активната улога на Македонија во градењето на регионалната соработка.