Број на текстови објавени денес: 11

Зошто новинарите погрешија во проценките дека Трамп ќе победи?

trump-baner

На моите часови по новинарство утрото на изборите, им кажував некои мудрости на моите студенти. „Ако видите дека Северна Каролина е за Хилари, тогаш е готово со Трамп“, им реков, самоуверено.

Колку не бев во право, вели професор по новинарство и новинар ,Тони Роџерс, во текстот за allaboutjournalism.

Се разбира, не погрешив само јас (не дека тоа е некаква утеха). Од агенциските анкети до FiveThirtyEight.com до големите медиумски куќи во земјата, многумина се чини не само што го „промашија бродот“ туку и целото езеро со прилично голема разлика.

Џим Рутенберг тоа вака го коментираше во Њујорк тајмс:

„Големите новински организации во земјата, изненадени како и секој од дофаќањето на претседателското место на Доналд Џ. Трамп, се соочија утредента по изборите со едно прашање од својата читателска публика исполнето со чувство на предавство и гнев: како можевте да погрешивте толку многу?“.

Новинарите не беа во контакт со реалноста?

Фокусот на критиката за промашувањето главно беше кон големите медиумски куќи. Заеднички рефрен е дека новинарите удобно сместени во редакциите во Менхетн и Вашингтон за жал не беа во допир со растечката поддршка на Трамп кај народот во места како што се гратчињата на планината Апалачи или градовите што замираат во Средниот Запад.

Колумнистката Маргарет Саливан за новинарите напиша во весникот Вашингтон Пост:

„Новинарите – факултетски образовани, урбани и, во најголем дел, либерални – почесто од кога било досега живеат и работат во Њујорк и Вашингтон или на Западниот брег. И покрај тоа што одеа со авион во големите црвени држави (со мнозинство на републиканци, н.з.) на неколку дена, или интервјуираа неколкумина рудари или невработени работници од автомобилската индустрија во областите што замираат (Rust Belt), ние тие луѓе не ги сфаќавме сериозно. Или не е доволно сериозно“.

Саливан остро поентира во нападот на новинарите од елитните медиуми што упаѓаа во упориштата на Трамп на кратко време. Но, таа не е во право кога тврди дека повеќето новинари работат во коридорите на моќта во големите метрополи.

Всушност, околу 1.300 весници сѐ уште работат низ целата земја, повеќето новинари сѐ уште работат за мали и средни печатени изданија и веб-сајтови. На провинциските медиуми не им се обрнуваше внимание на национално ниво, иако некои од нив можеби беа посвесни за растот на Трамп отколку нивните браќа во големите градови.

Покривање на избори од храбар локален веб-портал

Tom Sofield е основач на LevittownNow.com, скрпен сајт за вести кој опсесивно се бави со работничките предградија северно од Филаделфија. Во областа што се смета за предводник на претседателските избори, Sofield вели дека ја видел многу рано поддршката за Трамп.

„Во текот на внатрепартиските избори, зборував со гласачи кои гласале за сите демократи, освен за Хилари“ ми рече Sofield и додаде, „многумина рекоа дека планираат да гласаат за Трамп на општите избори“.

Sofield ги опиша кампањите на кандидатите во неколку градови: „Кога Мајк Пејн (потпретседател на Трамп) го посети Bensalem, на митингот дојде огромна толпа од околу 2.000 луѓе. Митингот на Тим Кеин (потпретседател на Хилари) во Њутаун имаше проблем да собере повеќе од 500“.

Новинарот додава дека еден доживотен член на Демократскиот одбор станал еден од најголемите локални поддржувачи на Трамп. „Тој рече дека неговите демократски пријатели од работничката класа гласаат за Трамп“. вели Sofield.

Покривање на избори од големиот весник во Шарлот

Во многу поголемиот Шарлот Обсервер, колумнистот Ерик Фрејзер признава дека неговиот весник е изненаден од победата на Трамп.

„Она што не го видовме беше недостатокот на поддршката за Клинтон, особено по демократската конвенција, кога таа и Сандерс наводно ги прикриле нивните разлики”, изјави Фрејзер. „Младите луѓе сепак не го купуваа она што таа го продаваше“.

Но откако Северна Каролина стана клучна држава што требаше да ги одреди изборите, новинарите на Обсервер произведуваа огромен број на статии за кампањите.

– Тука беа и двајцата кандидати повеќепати отколку на други места – вели Фрејзер. „…и двете кампањи беа многу активни тука, се држеа прес-конференции и имаше многу настани, па ние ппродуциравме многу статии. Плус моравме да пишуваме извештаи и за тоа како кампањите на национално ниво влијаат на трката на локалните избори и обратно“.

Лекции за амбициозните новинари

Фрејзер вели дека постојат добри лекции за новинарите за начинот на покривање на исцрпувачките изборни кампањи.

– Дури и во време на софистицирани податоци и социјални мрежи, не постои замена за добриот стар начин на „известување во кондури“ – вели колумнистот. „Податоците и социјалните медиуми нека ви бидат водич за луѓето за кои пишувате во статијата, но никогаш не ги заменувајте податоците и социјалните мрежи за вистинската приказна. Приказната со човечко суштество во центарот е секогаш таа што ќе ги допре луѓето најмногу“.

Sofield вели дека тој научил дека никогаш не треба да „ги потценуваш гласачите кои страстно навиваат за нивниот кандидат. И обиди се да не ја изгубиш од вид својата мисија на известување за сите кандидати, без пристрасност“.

Тој додава: „Известувај независно и не ги следи другите. Не се плаши да поставуваш незгодни прашања на луѓе кои имаат популарни и непопуларни точки на гледање. И разговарај повеќе со граѓаните отколку само со политичарите“.

Навистина, вели професор Тони Роџерс, тоа е токму тоа што јас им го кажував на моите студенти по новинарство на денот по изборите. По анализата на резултатите и критичкиот преглед на известувањето на вестите, јас едноставно им реков:

„Излезете од редакцијата. Појавете се на улиците. Затропајте на вратите. И разговарајте со вистинските луѓе“.