Број на текстови објавени денес: 17

За влез во ЕУ од 2021 година – регистрација и 5 евра

%d0%b4%d0%b2

Европската комисија денеска предложи воведување систем на регистрирање на сите оние кои во Шенгенскиот простор влегуваат без визи. Со ваквата мерка, ЕК реагира на бегалската криза и состојбата настаната по нападите во Франција, Белгија и во Германија.

Онлајн-постапката би била слична на американскиот ЕСТА-систем. Во иднина во ЕТИАС би се внесувале податоци за идентитетот, документите за патување и местото на живеење на лицата кои доаѓаат во ЕУ. Тие информации ќе бидат споредувани со информациите на Интерпол и други служби на ЕУ, како Европол или Евродак (Европска банка за податоци од меморирани отпечатоци од прсти), пишува Дојче веле.

Се предлага податоците на системот да се чуваат во времетраење од пет години од датумот на одобрување или одбивање на барањето на барателот за патување во Шенген зоната. Согласно предлогот, патниците ќе треба да ја поднесат апликацијата на посебна интернет страница или преку апликација за мобилен телефон.
Дел од членките на ЕУ, меѓу кои и Германија, бараат пристап до информациите од ЕТИАС да имаат и тајните служби.

Доколку некое барање биде одбиено, значи доколку биде оценето дека некое лице не може да влезе во ЕУ поради тоа што претставува безбедносен ризик или поради опасност во ЕУ да остане да престојува илегално, ќе има можност за поднесување жалба и тоа во Шенген-земјата каде што лицето сака да допатува. Податоците би требало да се меморираат за период од 5 години.

Исполнувањето на барањето не би требало да трае повеќе од 10 минути, а за сите лица над 18-годишна возраст би чинело 5 евра.

ЕТИАС се очекува да биде функционален од 2021 година. Процедурата нема да важи за земјите членки на Унијата, без разлика дали се дел од Шенген зоната или не.
 

фото: Дојче веле