Број на текстови објавени денес: 0

Започнува Европската недела на ХИВ тестирање

hera_-samostojnomkd

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување по трет пат се приклучува на Европската недела на ХИВ тестирање која ќе трае од 18 до 25 ноември.

Повеќе од 500 организации од 50 европски држави учествуваат во активностите на Европската недела на тестирање чија цел е преку обединета акција да се зголеми свеста за придобивките од ХИВ тестирањето, што ќе овозможи што повеќе луѓе да добијат информации за превенција од ХИВ, да го дознаат својот ХИВ статус и да им биде овозможен пристап до терапија, грижа и поддршка.

Мотото на акцијата е „Тестирај, лекувај, превенирај“.

Во рамките на Европската недела на ХИВ тестирање, во Младинскиот центар „Сакам да знам” – Водно ќе биде достапно бесплатно и доверливо ХИВ тестирање и советување со брзи тестови, секој ден од 18 до 25 ноември од 15:00 до 21:00 часот. Сите заинтересирани лица подетални информации можат да добијат на телефонскиот број 02/3176 950.
Исто така, волонтерите на ХЕРА, како дел од промотивните активности во рамките на Европската недела на ХИВ тестирање, ќе дистрибуираат информативни материјали и бесплатни кондоми во трговскиот центар „Скопје сити мол“.

„Денес, се претпоставува дека најмалку едно од три лица што живеат со ХИВ во Европа не се свесни за својот ХИВ статус. Официјалните бројки говорат дека 2,5 милиони луѓе во Европа се ХИВ позитивни. Половина од луѓето што живеат со ХИВ се дијагностицирани доцна, со што се доцни со пристапот до терапија, грижа и поддршка. Овие статистички податоци укажуваат дека треба да се направи повеќе за да се охрабрат поединците да направат ХИВ тест, како и да се подобри пристапот до ХИВ тестирање за сите. Особено важно е што е можно поскоро луѓето што биле изложени на ризик да го дознаат својот ХИВ статус. Последните наоди даваат поддршка за започнување на третманот веднаш после дијагнозата на ХИВ инфекцијата со што се штити здравјето на луѓето. Денес, достапната терапија значи дека луѓето со ХИВ може да живеат долг и квалитетен живот доколку се дијагностицирани навремено. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман. Терапијата за ХИВ, истовремено е едно од најефективно средство за превенција за ХИВ која значително ја намалува веројатноста за понатамошен пренос на ХИВ“, се наведува во соопштението.