Број на текстови објавени денес: 11

Започна Божикниот пост

boziken-post

За православните верници во понеделникот, 28 ноември, започна шестнеделниот Божикен пост кој му претходи на најрадосниот христијански празник Рожденство Христово – Божик. Божикниот пост завршува на Бадник (6 јануaри), ден пред Божик, односно тој трае 40 дена. Божикниот пост е втор по должината на траењето, веднаш по Велигденскиот.

Според верувањето, подготовките за Божик, кој се прославува на 7 јануари, е целосно ако верникот на крајот на шестнеделниот пост им пристапи на светите тајни на исповедта, покајувањето и причестувањето.

Постот се содржи од воздржување од мрсна храна, лоши мисли, страсни желби и лоши дела, како и во поминувањето во молитви, правење добри дела и ревносно поддржување кон христијанските начела, бидејќи постот е телесен и духовен подвиг. Постот се заснова на примерот на самиот Исус Христос, кој на леб и вода поминал 40 дена пред да се соочи со Сатаната.

Во текот на овој пост употребата на масло е дозволено во сите денови, освен среда и во петок, кога се јаде храна подготвена на вода, односно се пости „на вода“. Риба и вино може да се консумираат секоја сабота и недела, како и на празниците Воведение на Пресвета Богородица на 4 декември, свети Никола на 19 декември и на празникот на свети Игнатиј Богоносец на 2 јануари, и ако празникот се падне во среда или во петок. Последната седмица пред Божик построго се пости, без употреба на риба и масло за јадење, со храна подготвена само на вода.

Црквата четири пати одредила повеќе дневни постови – Божикен, Велигденски пост пред Воскресението Христово, Петровденски пост посветен на апостолите Петар и Павле на 12 и 13 јули  и Богородичен пост пред празникот Успението на Пресвета Богородица на 28 август.

Постот претставува и внатрешно чистење од токсините наталожени од недоволно сварената храна во организмот. Организмот е ослободен од преработувањето на храната. Еден ден постење посебно е корисен по раскошната гозба, на која премногу се јадело и пиело.