Број на текстови објавени денес: 0

Заев: Ќе се живее достоинствено во Македонија, обезбедуваме живот!

o-spasovski1-1

Го пренесуваме интегрално вчерашното обраќање на Зоран Заев, претседател на СДСМ на митингот во Велес.

„Ајде, почитувани граѓани, да во името на Кочо Рацин и нашите претци, и покажеме на цела Македонија и на целиот наш народ, дека го враќаме животот во Македонија, дека може да има живот во Македонија.

Сакам да и одговорам на Кристина којашто ја затекнав на работа, овде, во еден од дуќаните кога шетав во Велес, ми вели – „почитуван господине Заев, ретко купуваат луѓето веќе и облека, немаат пари. А кога не купуваат, газдите па немаат да ни дадат повисока плата. А сакаат да ни дадат повисока плата“.

Ти ветувам, Кристина, дека ќе има повеќе пари и во фирмите, ама ќе има поради тоа и повисоки плати и ќе има стабилни плати. И нема да размислувате да заминете надвор од државата. Ќе останете овде. Овде во Македонија ќе бидеме среќни!

Ќе и ветам и на Маре, текстилната работничка од Штип којашто ме пречека, и ми вели – „претседателе, не се живее со 9 илјади денари плата. Што попрво со тие пари?“

И ветувам, ќе има минимална плата до крајот на новиот мандат од 16 илјади денари. Веднаш ќе ја качиме минималната плата на 12 илјади денари и просечната плата во Македонија ќе биде 500 евра, 30 илјади денари, за да има 1.000 евра во семејство со двајца возрасни и деца. Да може да се плаќаат сметки, да може да се оди на годишен одмор, да се собере пари за детска соба, да им дадеме на децата пари за училиште. Да живееме достоинствен живот.

За пензионерите – ќе водиме чесни политики кон вас. Заврши времето кога 5 посто ќе зголемуваат пензии кога се зголемиле трошоците на живот од 20 посто. Да знаете сите, ќе се создаде совет којшто ќе одлучува за потрошувачката кошничка во Македонија. Најмногу ќе бидат пензионери внатре. На секои шест месеци ќе се прави пресек на покачување на цените на мало.

Ако се покачени за 30 посто – 30 посто ќе се покачат пензиите. Ако се покачени за 20 посто – 20 посто. А не да лаже Груевски – 5 посто, а цените пораснале до 30 посто.

Овие бандити ќе бидат судени од независно судство. И не само што ќе бидат судени, ветив, на Триумфалната капија во Скопје, ќе ставам бројчаник, којшто ќе врти кога ќе ги вратиме сите украдени пари. На секој милион, бројчаникот ќе заврти.

Парите мора да ги вратат! Институциите на системот повторно мора да бидат независни. Гласајте за бројот 4, за живот во Македонија. Заслужувате живот во Македонија! Заслужувате конечно среќа. Доста беше!

Да гласаме за живот во Македонија! Да живее Велес, да живее Македонија“, порача Заев.