Број на текстови објавени денес: 46

„Забранетото кралство“ на Слауерхоф преведено на македонски

zabranetoto-kralstvo-predna-korica

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна го објави романот на холандскиот писател Јан Јакоб Слауерхоф, во превод од англиски јазик на Дарко Цветаноски.

„Забранетото кралство“ (1931) е авантуристичко-психолош­ки роман во кој паралелно течат две приказни: таа на португалскиот национален поет Луис де Камоиш и на безимен бродски радиооператор од 20-тиот век. Преку спој на историска хроника, фикција и личен коментар, романот ги спојува двата навидум неповрзани живота. Слауерхоф го вовлекува читателот во импресивниот свет на егзотиката, пре­давството и прогонството, каде што се соединуваат мина­тото и сегашноста, а можната смрт никогаш не е далеку. Со формална неконвенционалност, елиптичен, елегантен и суптилен стил во неговиот самоуверен, но приземен поетски јазик, на читателот му се прикажани возбудливи морепловски авантури и фасцинантни главни ликови со комплексен и длабок карактер.

Јан Јакоб Слауерхоф (1898-1936) бил холандски поет, романсиер и преведувач. Се смета за еден од најзначајните писатели од холандското јазично подрачје. По завршува­ње­то на студиите по медицина во Амстердам, се вработил како бродски доктор во компанија со дејност во Индо­не­зија, која тогаш била под холандска власт. Најголемиот дел од својот возрасен живот го поминал во поморски патувања кон Азија и Далечниот Исток, како и до Латинска Америка и Африка. Во текот на 30-тите години на минатиот век, стра­дал од разни болести, кои на крајот резултираат со негова смрт во 1936 година, на 38-годишна возраст.

Иако пишува во времето на експресионизмот, неговиот опус е пред сѐ романтичен, со силни автобиографски еле­мен­ти, незапирлива фантазија и копнеж кон далечни места, изразен преку поистоветување со скитници, истражувачи и пирати. Негови најпознати дела се стихозбирките „Архи­пе­лаг“, „Источна Азија“, „Елдорадо“, „Сатурн“, „Серенада“, „Гроб на честит морнар“ и романите „Забранетото крал­ство“ и „Животот на Земјата“. Во сите свои дела се потпи­шу­вал како Ј. Слауерхоф.

„Забранетото кралство“ е прво дело на Слауерхоф преведено на македонски јазик.