Број на текстови објавени денес: 60

Жбогар: Извештајот не е добар, кризата трае премногу долго

133426679

Ќе почнам со позитивната вест, а тоа е дека повторно е дадена позитивна препорака со услов спроведување на Договорот од Пржино, организирање кредибилни избори и спроведување на реформските приоритети, рече евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар на преск онференцијата што се одржа денеска во делегацијата на ЕУ во Скопје по повод објавувањето на извештајот за напредокот на земјава.

– На новата влада ѝ останува оваа условена препорака да ја претвори во безусловена. Извештајот не е добар, има назадување во областа на владеење на правото, судството, недоволен напредок во реформата на јавната администрација, корупцијата се уште преовладува во многу области. Исто така е потребен напредок во борбата со перење пари. Сериозен предизвик е и состојбата со медиумите, разноликоста и балансираноста во известувањето не е достапна. Нема напредок ниту во однос на економските критериуми. Политичката криза трае премногу долго, институциите мора да ја вратат кредибилноста. ЕУ е подготвена да помогне – рече Жбогар, кој подетално го образложи извештајот.

Пред него, пак, комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, на прес конференција во Брисел и официјално соопшти дека земјава и оваа година добива препорака што е условена со одржување кредииблни избори и формирање нова влада и спроведување на реформската агенда.

ЕУ дава поддршка за работата на СЈО, а во одговор на новинарско прашање дали треба да се формира специјално судско одделение и да се продолжи рокот за истраги, Хан рече дека сите мора да дадат свој придонес во расчистување на аферата со прислушувањето.

– Прво треба да има транспарентни избори а потоа новата влада треба да одговори на овие прашања. СЈО треба да ја продолжи својата работа и сите треба да ја увидат потребата од целосно и комплетно расчистување на аферата со прислушувањето – рече Хан.

Жбогар рече дека позитивно е тоа што политичките лидери постигнале изборите да се одржат во декемрви со што се поплочува патот за излез од политичката криза. Тој позитивно признание даде и за работата на СЈО, напорите за справување со мигрантската криза, како и за активноста на граѓанското општество. Евроамбасадорот рече дека треба да се отворат нови прифатни центри за бегалци, а владата треба да ја подобри соработката со граѓанскиот сектор.

Хан рече и дека од интерес на ЕУ е да се стабилизираат и трансформираат земјите од Западен Балкан, а граѓаните на земјите од ЕУ на стратегијата за проширување треба да гледаат како нова поддршка, а не како товар.

Еврокомесарот најмногу ја критикуваше Турција, која како што рече, застранила од европската патека. Албанија доби условена препорака за отворање на претпристапните преговори. Црна Гора продолжува со напредокот и дава опипливи резултати во борбата со корупцијата и организираниот криминал. Изборите во оваа земја беа изведени на транспарентен начин.

Хан рече и дека значаен успех постигнала и Србија, особено во делот на проблемите со Косово и во владеење на правото.