Број на текстови објавени денес: 0

Државата лошо менаџира со јавните претпријатија, затоа тие тонат во долгови

%d1%83%d1%98%d0%bf-%d0%b4%d0%be%d0%bb%d0%b6%d0%bd%d0%b8%d1%86%d0%b8

Јавните претпријатија не плаќаат даноци, ама работат со добивка. Ова го покажува споредбата на нивните извештаи за финансиско работење и Листата на должници на Управата за јавни приходи. Експертите тврдат дека директорите на претпријатијата за да ги задржат функциите ги „пеглаат“ финансиските резултати, а директорите се правдаат дека долгот е заостанат и не успеваат редовно да го плаќаат бидејќи ќе ја загрозат нивната работа.

Јавните претпријатија на државно и локално ниво, според листата на УЈП, се најголемите должници. Само три од нив на државата моментално и должат над 10,7 милиони евра за данок на добивка, ДДВ или неплатени придонеси. ЈП „Македонија пат“, според последната листа на должници не платила даноци во износ од 6,6 милиони евра, ЈП „Македонски шуми“  2,5 милиони евра и МРТВ должи 1,6 милиони евра.

Две од најголемите должници ЈП „Македонски шуми“ и МРТВ лани прикажаа добивка, а ЈП „Македонија пат“ прокнижи загуба.
МРТВ лани во финансискиот извештај поднесен до Собранието прикажа добивка од 840.000 евра. Во истиот период долгот кон УЈП за даноци изнасувал 3,3 милиони евра.

„Македонски шуми“ пак лани прикажа добивка од 1,2 милиони евра, но имала долг кон државата за даноци во износ од околу 4 милиони евра.

Експерти појаснуваат дека за состојбата се виновни раководителите на јавните претпријатија кои за да се задржат на функциите, сакаат да покажат дека се успешни во работата. Најчесто прибегнуваат кон „пеглање“ на финансиските податоци. Тоа меѓутоа дополнително ја влошува финансиската состојба во претпријатијата со кои раководат.

– Најчесто ги надувуваат податоците за да прикажат добивка и позитивен финансиски резултат или лажно ги намалуваат расходите. Всушност, прикажуваат нереални резултати кои подоцна им создаваат проблеми при наплатата на даноците бидејќи на ваквите позитивни резултати државата им пресметува данок кој за да се плати се потребни ликвидни средства. И, бидејќи добивката не произлегува од вистински успех на работењето, не се во состојба да ги платат даноците. Така влегуваат во магичен круг да искажуваат добивка, а немаат пари да ги платат овие даноци. Така долгот постојано се зголемува поради каматите што ги пресметува УЈП – вели Павле Гацов, претседател на Здружението на даночни советници.

Според него, кога државата би го наплатитла долгот би го довела во прашање опстанокот на овие претпријатија со тоа што би морале да прикажат загуба.

Дел од претпријатијата изминатите години потпишаа и договор со УЈП за плаќање на долгот на рати, но не успеваат навреме да ги плаќаат и овие рати. Се оправдуваат со фактот дека тоа е заостанат долг кој е двапати зголемен поради каматите.

– Доглот кон државата на „Македонски шуми“ изнесува 60 милиони денари, а каматите се 140 милиони, но таков е законот и ние мораме да го почитуваме. Деновиве треба да го обновиме договорот со ЈУП за плаќање на останатиот дел од долгот на рати. Инаку ние лани и годинава уплативме близу 2 милиони евра – вели директорот на „Македонски шуми“, Жарко Караџовски.

Тој објаснува дека состојбата на прикажаната добивка при долг кон државата е резултат на системот на пресметки.

– Завршната сметка на претпријатието се прави според приходите и расходите. Тука ние лани имаме позитивен резултат и добивка, но даноците се ставаат на друго конто и затоа состојбата е таква. Ние лани ги плативме даноците, но сепак заостанатиот долг стои. Реално гледано овој долг е мал во однос на она што го остварува претпријатието, на пример колку издатоците за плати на вработените, но кога ќе се подмират сите законски обврски, останува малку за да се исплати целиот. Затоа тоа го правиме на рати и како што реков годинава плативме скоро 2 милиони евра од овој заостанат долг – вели Караџовски.

Вакво финансиско работење на претпријатијата ќе стане минато само, ако се избере нов модел на функционирање на јавните претпријатија или нивно целосно департизирање, сметаат економисти.

Според нив, решение за ваквото функционирање на јавните претпријатија може да биде само реформа на системот. Позитивно би влијаела промената на сопственичката структура, односно, нивно приватизирање или делумно влегување на приватен фактор во сопственичката структура – јавно-приватно партнерство.

Доколку продолжи да именува директори само по партиски клуч, некои кои слепо ќе ги извршуваат нивните наредби, јавните претпријатија ќе продолжат да тонат во проблеми, велат тие.