Број на текстови објавени денес: 70

Дилема во САД: Ако Клинтон победи, Бил ќе биде прв господин или поранешен претседател

usa-bil-klinton-pretsedatel

Ако Хилари Клинтон утре биде избрана за претседател на САД, Америка ќе мора итно да најде начин како да го ословува поранешниот претседател Бил Клинтон, пренесува Хина.

Ваков случај до сега не е запишан во историјата на Америка, со оглед на тоа што ниту еден маж досега не влегол во Белата куќа како сопруг на претседателка и никогаш поранешен претседател не бил во брак со претседателка.

„Прв господин“ е титула која може да се наметне во неофицијален облик, проценуваат експертите, додавајќи дека „првиот сопруг“ или „првиот маж“ не звучи соодветно.

Некои веќе зборуваат дека титулата на Клинтон „прв господин“ никако не му прилега, потсетувајќи на неговите афери со други жени и лошто однесување.

– Во САД имаме шест гувернерки и нивните сопрузи неофицијално ја носат титулата „прв господин“, истакна Лиса Гротс, експерт за протокол.

– Но, целата работа е посложена бидејќи станува збор за Клинтон. Бил Клинтон (70) беше претседател од 1993 до 2001 година, а кога еднаш сте биле на чело на државата, титулата претседател ја имате доживотно, објасни историчарката Лида Блек.

– Ќе ја задржи таа титула. Според протоколот, ќе бидат претседателката Клинтон и поранешниот претседател Клинтон, тврди Блек.

Таа потсетува и на случајот со семејството Буш, односно на Џорџ Буш помладиот (43. претседател на САД) и неговиот татко Џорџ Буш (41. претседател на САД).

– Да беше Хилари во брак со некој кој не бил претседател, би бил првиот господин, но Бил Клинтон е поранешен претседател и не може да се нарекува „прв господин“ бидејќи тоа е пониска титула од претседателската, наведе Блек.

Гротс смета дека Бил, од почит кон неговата сопруга, заедно со неа ќе најде решение.

Но, едно е целосно јасно: Бил Клинтон, кој е се уште активен и веќе со месеци ангажиран во кампањата на неговата сопруга, не може да работи ниту да добива плата ако се врати во Белата куќа.