Број на текстови објавени денес: 0

ДИК се откажа, сега МВР трага по фантомските гласачи

дик(6)

Политичките партии, барем четирите најголеми, го затворија прашањето за Избирачкиот список. ВМРО-ДПМНЕ триумфално констатираше дека фантомски гласачи немало, но откако Државната изборна комисија повторно го стави на увид, не стивнуваат реакциите на граѓаните кои пријавуваат дека во нивните станови се регистирани како гласачи луѓе што таму не живеат.

Откако ДИК рече дека нема надлежност да проверува како овие гласачи ги добиле личните карти, од Министерството за внатрешни работи велат дека постапуваат по пријавите на граѓаните, но не може да кажат дали постапките што ги водат ќе завршат пред избори.

– На Избирачкиот список мене ме нема иако тука живеам 15 години, а има запишано тројца други гласачи, за кои не знам кои се. Претходниот пат го немаше ни син ми, но сега него го ставиле, а мене не. Прашувам како овие луѓе добиле лична карта на адреса на која не живеат – вели Зорица Лазаревска.

Таа живее во стан на Министерството за внатрешни работи на улица Димитар Туриманџовски број 1 во Скопје, кој го добила на користење како вработена во оваа институција.

– Со МВР водам спор поради тоа што не можам да земам пензија под условите што ги исполнувам. За на суд знаат каде живеам, а за да ме стават во избирачки список не знаат. Како е тоа можно? – прашува Лазаревска.

Случај со фантомски гласачи во нашата редакција пријавија и жители на улицата Кочо Рацин 18/14 во центарот на Скопје. И тие втор пат реагираат до ДИК за гласач кој е регистиран во нивниот стан, а таму не живее.

– Реагиравме уште првиот пат кога беше ставен списокот на увид, но еве и сега повторно гласачот е на нашата адреса. Од подрачната единица Центар на ДИК не препратија во МВР, Одделение за управни работи. Таму пак ни рекоа ќе пратат полицаец да утврди кој живее на адресата, од тогаш поминаа пет дена но уште никој не дошол – вели нашата соговорничка.

Во полиција им рекле и дека со името и презимето што тие го пријавиле имало многу лица, поради што не можеле да утврдат за кого точно станува збор дека е без матичен број. На крај има дале објаснува дека спорната личност ќе остане на списокот на гласачи, но нема да може да вади лични документи на нивната адреса.

Лице иселено во Австралија пред 50 години и неговата сопруга се се уште на избирачкиот список регистрирани на последната адреса на која овде живееле, иако одамна таму живее друга фамилија која ја купила куќата.

– Брат ми и снаата се ставени на списокот за да може некој да гласа во нивно име, бидејќи знаат дека тие не живеат тука – вели наш читател од Битола.

Државната изборна комисија која го става на увид избирачкиот список решила воопшто да не ги прима ваквите поплаки на граѓаните, туку директно да ги препраќа да поднесат претставки во МВР, бидејќи таму се вадат личните карти врз основ на кои гласачите се запишуваат во списокот на гласачи.

Од МВР информираат дека се постапува по пријавите на граѓаните.

„Oдделенијaтa зa упрaвни рaбoти при МВР пoстaпуваат пo пoднесените пријaви нa грaѓaните. Се прoверувa нa лице местo дaли тaкви лицa имa нa пoсoченaтa aдресa и дoкoлку се утврди декa тие лицa не живеaт нa таа aдресa им се пoништувa живеaлиштетo вo упрaвнa пoстaпкa“, се вели во одговорот од МВР.

Оттаму нема објаснување околу тоа дали овие фантомски гласачи ќе бидат избришани од избирачкиот список за претстојните избори или потоа.