Број на текстови објавени денес: 10

ДИК за прв пат организира потпишување на Кодексот за фер избори

%d0%b4%d0%b8%d0%ba17

Коалициите и политичките партии кои ќе учествуваат на изборите на 11 декември утре ќе потпишат Кодекс со кој ќе се обврзат за фер и демократски изборен процес. За прв пат потпишувањето на овој Кодекс е во организација на Државната изборна комисија.

„Имајќи го предвид значењето на потпишувањето на овој Кодекс за позитивното отпочнување на изборната кампања, ДИК организира свечен настан на кој ќе се реализира потпишувањето. За таа цел, ги повикуваме претседателите на политичките партии кои ги предводат коалициите учесници на изборите, како и претседателите на политичките партии кои самостојно учествуваат на изборите, со своето лично присуство и потпис да ја реафирмира заложбата на своите коалиции и партии за фер и демократски избори“, се вели во соопштението на ДИК.

Поканети гости на настанот се сите потписници на Кодексот за фер и демократски избори – претседателите на политичките партии учесници во изборите, како и дипломатскиот кор во Република Македонија.

Кампњата почнува во понеделник и трае до 9 декември на полноќ.

Партиите и коалициите се подготвуваат за митинзи и средби со граѓани. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ кампањата ќе ја започне традиционално во Охрид, СДСМ и коалициските партии во Прилеп, ДУИ во Липково.

Во ДИК вчера со жребување беше утврден редоследот на учесниците на изборите на гласачкото ливче.

Под реден број еден на избирачкото ливче е Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, под редниот број два е Демократската партија на Албанците (ДПА), тројка е Демократската унија за интеграција (ДУИ) и редниот број четири го извлече Коалицијата предводена од СДСМ. Под број пет на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата „За промени и правда“ во која се ФРОДЕМ, ДЕМОС, ДС, МОРО-РП, шеста ќе биде Партијата за демократски просперитет (ПДП), седма Коалицијата „Алијанса за Албанците“, осма Либералната партија, деветта ВМРО-За Македонија, десетта на избирачкото ливче ќе биде Движење БЕСА и 11 политичката партија Левица.

На изборите на 11 декември ќе учествуваат 11 политички субјекти – пет коалиции и шест партии. Право на глас ќе имаат вкупно 1.784.524 граѓани. Во дијаспората ќе можат да гласаат 20.591 македонски државјани.