Број на текстови објавени денес: 18

ДИК: Дијаспората ќе гласа ако се пријават најмалку 6.478 гласачи

DIK

ДИК денеска на прес-конференција апелираше до македонските државјани во странство да ја искористат можноста за пријавување за гласање за предвремените парламентарни избори до 11 ноември. Оттаму информираат дека до денеска до 13 часот за гласање во странство се пријавиле 6.639 граѓани и оти прифатени се 6.059, 134 се одбиени, а 446 се во обработка.

Од ДИК посочуваат дека согласно одредбите од Изборниот законик, еден пратеник во седмата изборна единица ќе биде избран доколку листата на кандидати за пратеници освоила најмалку онолкав број на гласови со којшто е избран пратеник со најмалку број на гласови во изборните единици во Република Македонија на последните парламентарни избори.

Според резултатите од последните парламентарни избори од 2014 година тој број на гласови изнесува 6.478.

– Тоа би значело и дека избори во седмата изборна единица ќе се организираат доколку ДИК заклучно со 11 ноември прифати најмалку 6.478 од поднесените пријави – изјави на денешната прес-конференција Љупка Гугучевска, советник во ДИК.

Според информациите од Комисијата, најмногу пријавени за гласање во дијаспората има во Дипломатското конзуларно петставништво во Детроит, САД.

За овие избори дијаспората ќе гласа во една, а не во три изборни единици како што беше досега, а за пратеник да биде избран ќе мора да освои минимум 6.478 гласа, колку што е просечниот број на гласови со кои на последните избори се избирале пратениците во земјава. Токму поради овој цензус што се воведува за прва пат постои можност на овие парламентарни избори од дијаспората да не се избере ниту еден пратеник.

Синоќа до 19 часот во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК низ државата јавен увид во Избирачкиот список извршиле 3.891 граѓани.

До денеска пак до 13 часот преку веб апликацијата пријавување за запишување во Избирачкиот список извршиле вкупно 407 граѓани од 29.858 чии записи по извршените вкрстени и теренски проверки останале некозистентни во Избирачкиот список.

Триста и шеесет пријави се прифатени од ДИК, две се во обработка, а 45 во фаза на разгледување.

Гугучевска на денешната прес-конференција информираше дека ДИК се обратила и со лични писма на домашна адреса до сите овие граѓани поединечно и оти во соработка со медиумите ја води кампањата „Провери и пријави се“.

– Ги потсетуваме граѓаните дека оваа дополнителна можност за пријавување е всушност и последната. За сите оние кои се на овој список, а сакаат да гласаат на претстојните избори токму поради тоа апелираме да проверат дали се на овој список и ако се веднаш најдоцна до 11 ноември да поднесат пријава за запишување во Избирачкиот список, рече таа.

Пријава може да се поднесе електронски за кои во подрачните одделенија има канцеларии на Комисијата низ земјата.