Број на текстови објавени денес: 0

ДИК бара од Судот поажурно да ги издава уверенијата за неосудуваност

%d0%b4%d0%b8%d0%ba15

Државната изборна комисија со писмо ќе побара од Основниот суд Скопје 1 поажурно да ги изготвува уверенијата за неосудуваност и да го има предвид рокот за пријавување на кандидатските листи согласно Изборниот законик, кој истекува во петок на полноќ. Ваков заклучок бил донесен на вчерашната седница на изборната комисија. Кандидатите за пратеници својата кандидатура до ДИК треба да ја достават до полноќ во петок, додека пак според партиските реакции од Судот добиле објаснувања дека уверенијата ќе им бидат изготвени во рок од пет до седум дена со што ќе се пробие рокот предвиден со Изборниот законик.

Од ДИК засега не може да кажат дали проблемот што се јавил со издавањето на овие уверенија може да го опструира целиот изборен процес.

– Ваква оценка не може да дадеме пред да ги добиеме кандидатурите – велат од ДИК.

Оттаму објаснуваат дека рокот за поднесување на кандидатските листи не може да биде пролонгиран, бидејќи со тоа ќе се прекрши Изборниот законик. ДИК ќе ги разгледува кандидатските листи во сабота, а за оние што не се комплетни може да им даде рок од 48 часа да ги остранат утврдените неправилности. Проблем што тука се јавува е што тој рок е за време на викенд, кога судот вообичаено не работи.

Вчера СДСМ реагираше дека со овие активности претседателот на судот Владимир Панчевски намерно се обидува да го сруши изборниот процес.

Од Судот пак ги обвинија кандидатите за пратеници дека навремено не ги извадиле овие уверенија, поради што сега имаат преголем број барања на кои не можат да одговорат. Судот вчера рече и дека ќе организира дежурства.