Број на текстови објавени денес: 2

Денеска ќе бидат познати сите кандидати за пратеници

dijaspora-glasanje

Вечерва на полноќ истекува рокот за доставување на кандидатските листи до Државната изборна комисија. Поголем дел од партиите и коалициите веќе ги обелоденија имињата, а од поголемите коалиции тоа треба да го направи уште таа на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на партијата, Никола Груевски, веројатно ќе биде носител во првата изборна единица, но се појавија шпекулации дека може да биде и во четвртата, за да ги измери силите со лидерот на СДСМ Зоран Заев. Министерот за надворешни работи Никола Поповски во втората, Илија Димовски во третата, министерот за здравство Никола Тодоров во четвртата, Антонио Милошоски во петтата и Влатко Ѓорчев во шестата изборна единица. Освен Груевски на листите не се очекува да се најде друг партиски функционер што е под истрага на СЈО. Според шпекулациите на листата ќе биде Диме Спасов.

ДУИ вчера ги обелодени изборните листи. Лидерот на партијата Али Ахмети ќе биде носител на кандидатската листа во шестата Изборна единица. Во првата носител е Артан Груби, а во втората Ејуп Халими. Во третата Нафи Дурмиши, во четвртата Артин Спахиу, во петтата Агим Шаќири, а во седмата Џевдет Спахиу.

Иако минатата недела ја обелоденија својата соработка, Љубчо Георгиевски, Љубе Бошковски и Стојанче Ангелов не ги објавија носителите во коалицијата „ВМРО за Македонија“.

СДСМ во првата изборна единица ќе биде претставен со Стево Пендаровски, во втората со Оливер Спасовски, во третата со Љубчо Николовски, во петтата со Радмила Шекеринска и во шестата со Петре Шилегов.

Коалицијата за промени и правда на Демократскиот сојуз, ФРОДЕМ, МОРО Работничката партија и ДЕМОС на конвенцијата вчера попладне ја објави кандидатската листа за пратеници.

Носител во изборната единица 1 ќе биде лидерот на ДС, Павле Трајанов, во двојката ќе биде Јове Кекеновски од ФРОДЕМ, тројката ќе ја предводи Весна Стојменовска, во четвртата изборна единица носител ќе биде екс разузнавачот Слободан Богоевски, во петтата Александар Делов и шестката ќе ја предводи Бранко Мајсторовски.

На листата на ДПА во единица носител ќе биде Идриз Орана, потоа Самир Рушити во третата, и Адриан Усеини во петтата изборна единица, а единствено нема да настапат во четвртата изборна единица. Лидерот Мендух Тачи ќе се натпреварува со Али Ахмети во шестата изборна единица.

ДИК утре на седница ќе треба да ги потврди листите и ако во некои случаи има забелешки ќе има даде рок од 48 часа на партиите да ги отстранат неправилностите.