Број на текстови објавени денес: 46

Да се преиспита уставноста на законот кој дозволува набавки во четири очи

%d1%98%d0%b0%d0%b2%d0%bd%d0%b8-%d0%bd%d0%b0%d0%b1%d0%b0%d0%b2%d0%ba%d0%b82

Институциите последните години сѐ почесто реализираат јавни набавки договорени во четири очи. Иако ваквите јавни набавки се дозволени со закон, сепак тајноста со која се реализираат отвора сомнеж дека станува збор за коруптивни зделки од кои корист имаат поединци.

Експерти сметаат дека поради злоупотребите кои се овозможуваат со ваквите набавки треба да се преиспита уставноста на Законот за јавни набавки. Дел од нив препорачуваат примената на ваквите набавки да биде сведена на минимум.

– Најдобро е да се одбегнува овој вид јавни набавки бидејќи со нив се нарушува транспарентноста и конкурентноста, а кога е во прашање нетранспарентноста тука доаѓа до израз и коруптивноста – вели Драган Малиновски, поранешен антикорупционер.

Професорот Осман Кадриу, пак, смета дека во Законот за јавни набавки не требало да се дозволи реализирање на јавна набавка договорена во четири очи.

– Нејасно е како таква одредба е ставена во законот и затоа најдобро е да се поведе постапка за оценување на неговата уставност. Овие одредби од Законот се противправни и противморални и даваат можност за отворена злоупотреба, што е казнива според нашите закони – вели Кадриу.

Проблематичноста на ваквиот вид набавки и можноста за злоупотреба, велат експертите произлегува и од оправдувањата што ги даваат институциите кога посегаат по јавна набавка без објавување оглас.

Најчести оправдувања за вакви набавки се крајна итност, немање конкуренција дополнителни работи и технички или уметнички причини.

Последните неколку години, според податоците од извршениот мониторинг на јавните набавки од страна на Центарот за граѓански комуникации покажуваат дека за ваков вид набавки институциите потрошиле близу 300 милиони евра.

Најголем број договори склучени без оглас се реализирани во 2013 година. На нив институциите потрошиле 97,3 милиони евра. Лани износот на пари потрошени за ваков вид набавки е 29 милиони евра. По основ крајна итност лани институциите склучиле договори со фирми без да објават оглас во вредност од 9,6 милиони евра. Вакви договори најчесто се склучуваат за дополнителни работи на веќе започнати објекти.

Државната компанија ЕЛЕМ е прва на листата, додека втора е Државната изборна комисија.

Последниот пример на ваква јавна набавка е договорот за санација на скопската обиколница вреден 2,7 милиони евра кој го доби градежната компанија „Трансмет“.