Број на текстови објавени денес: 12

Дали може Трамп да биде американскиот Фрањо Туѓман?

trump3

Ако новоизбраниот претседател на САД ѝ пркоси на реалноста, ќе се соочи со непремостливи институционални и неформални пречки кои ќе го потсетат дека не е диктатор, туку (само) шеф на егзекутивата во најголемата и – што и да мислиме за неа – најдобра светска демократија и татковина на владеењето на правото.

Се случи. Доналд Џон Трамп е избран за претседател на САД. Лице несомнено бизарно и непријатно. Многу од неговите изјави беа навистина неподносливо шовинистички и расистички, иако мора да се признае дека пред крајот на кампањата и по изборите ја омекна реториката. Сепак, сите антипатии или нејаснотии кои ги предизвикува може д се сведат на едно практично прашање: колкава штета може да предизвика на должноста претседател на најмоќната земја во светот? – коментира Вук Перишиќ на Тпортал.

Не треба да се потсетува дека американскиот претседател располага со огромни овластувања. Тој е шеф на американската извршна власт и врховен командант на застрашувачки воени сили. Но, САД се пример за доследната примена на принципот на троделната поделба на власта. Конгресот, како законодавно тело во кое Трамп не ужива целосна поддршка ни од неговата партија, го има последниот збор и како таков го стеснува просторот на самоволието на извршната власт.

Врховниот суд (кој во американскиот систем ја врши функцијата и на уставен суд) бдее над законитоста и уставноста на претседателските и конгресни одлуки, претставува несомнен авторитет и важен фактор за зачувување и еволутивниот напредок на американската демократија.

Важна независна институција е и Банката на федералните резерви, централната емисиона банка.

Без разлика колку е моќен, претседателот сепак е институционално и уставно ограничен. На дело не е само Уставот, туку и политичката култура која почива на принципот на ограничување и балансирање на различните гранки на власта (Check & Balance) и не дозволува надмоќ на ниту еден ценар на моќта.

Постојат безброј вонинституционални ограничувања. Големото, плурално и динамично американско општество го сочинува комплицирана мрежа од многу различни и спротивставени интереси кои по својата природа не можат да бидат единствени и во својата сопствена динамика ја спречуваат концентрацијата на моќта на едно место. Таа мрежа, меѓу другото, ја сочинуваат Вол Стрит, воено-индустрискиот комплекс, силната интелектуална заедница, моќните независни медиуми, синдикатите, неформалните групи на интерес, лоби системот, па ако сакате и самиот Холивуд со своето неизмерно културно влијание. Широко е распространета и силната свест за индивидуалната слобода и граѓански права како несомнена, основна вредност што не е проткаена само во политичкиот и јавниот живот, туку и во секојдневниот живот.

Скапо пркосење на реалноста

Да тргнеме од претпоставката дека Трамп навистина сака да ја демонтира зоната на слободна трговија во Северна Америка, да ги прекине преговорите за Трансатлантската трговија и инвестициско партнерство и дека ќе воведе протекционистички бариери кои би ја изолирале американската економија. Залудно. Таквите потези може да бидат само половични бидејќи светската економија ја достигна таа точка на меѓузависност што процесите на глобализација и интеграција станаа неповратни. Станува збор за интереси кои не се само економски туку имаат политичка, културна и морална димензија и капиларно се вмрежени низ целиот свет. Различните ткива толку се сраснати што ампутацијата стана невозможна. Ако Трамп тоа не го знае, наскоро неговиот тим на експерти ќе му објасни како стојат работите.

Ако ѝ пркоси на реалноста, ќе се соочи со непремостливи институционални и неформални пречки кои ќе го потсетат дека не е диктатор, туку (само) шеф на егзекутивата во најголемата и – што и да мислиме за неа – најдобра светска демократија и татковина на владеењето на правото. Затоа се неостварливи и Трамповите расистички идеи, ако воопшто посегне по нив. Тој мора да ја земе во предвид и огорчената либерална јавност и уличните протести што не го признаваат за претседател што е корисно за демократијата бидејќи е уште еден, барем симболичен фактор на ограничување на моќта.

Не постои причина за страв дека Трамп ќе ги уништи САД така како што на пример Туѓман и ХДЗ го уништија хрватското општество кое по нивното економско и морално пустошење клинички мртво лежи на постела, способно за ништо друго освен за патриотски бладања. За разлика од САД, Хрватска немаше, ниту пак создаде, ниту сакаше да создаде содржајна и вистинска демократија, независни демократски институции, владеење на правото и критичка јавност. За разлика од САД, сите хрватски интересовни групи клинетилистички се држат на една мантра.

Хрватската политичка традиција се исцрпе и се сведе на слепа и ирационална државност, додека американската се базира на рационализмот, просветителството и култот на Слободниот Поединец.

ДалиТрамп сака да ја уништи американската демократија? Сигурно ќе ја изложи на големи предизвици, но таква е судбината на демократијата. Демократијата е од по жица. На неа ѝ останува со зголемена одговорност и внимание да ја одржува и рамнотежата. Со или без Трамп, нејзината судбина и онака никогаш не беше сигурна.

Европа се плаши без причина

Од друга страна, невозможно е да се најде замерка на намерата на Трамп да ги подобри американско-руските односи. Но, постои стравување дека новиот договор меѓу Вашингтон и Москва може да наштети на Европа. Ваквите стравувања се неосновани поради неколку причини. Прво, секој американско-руски договор со кој се намалува можноста за нуклеарен конфликт е добредојден бидејќи од него зависи опстанокот на човечкиот род. Второ, САД нема да се изолираат од Европа од едноставна причина што власта – особено империјалната моќ – никогаш доброволно не се откажува од стекнатата позиција и влијание. Трето, за сите можни проблеми што може да ѝ се случат, Европа ќе биде крива самата. Таа е најголемиот непријател на самата себе. Во 20 век два пати се донесе до работ на тоталното самоуништување кога зад превезот на наводна цивилизираност се укажа нејзиното неискажливо дивјаштво и злосторничка енергија. Токму Америка и Русија во Втората светска војна ја спасија од моралната – не само моралната -пропаст.

Покрај тоа, долгиот период на европскиот мир и просперитет по 1945 година не почиваше на европската присебност туку на американско-рускиот договор, на рамнотежа на силите и, пред сè, на потиснување на европскиот национализам. Се додека, по примерот на САД, Европа не тргне по патот на големата демократска федерација и се додека е сведена на лабава коалиција на своите излишно мали суверенитети, ќе биде зависна од аранжманите меѓу САД и Русија и и’ останува да се надева дека тие договори ќе почиваат на мирен соживот и стабилна поделба на сферите на интерес. Таквиот исход е секако подобар од се’ што Европа може да си приреди ако повторно би подлегнала на своите самоубиствени, националистички импулси.