Број на текстови објавени денес: 60

Дали директорот на ФБИ ја злоупотребува службената положба?

usa-fbi-comey

ФБИ овие денови го истражува хакирањето на компјутерите на Американците од странски сили. Русија е главниот осомничен.

Замислете можна поврзаност меѓу кандидат за претседател на САД и руско хакирање на компјутерот. Замислете кандидатот да има бизнис зделки во Русија, и јавно да ги охрабрува Русите да ја хакираат е-поштата на неговата противничка и нејзините соработници.

Нема да биде изненадување ако ФБИ  го стави под тајна истрага овој кандидат и  членовите на неговиот изборен штаб поради руското компјутерско хакирање, пишува професорот и адвокат Ричард В. Пеинтер за Њујорк Тајмс.

Ако Федералното истражно биро спроведе таква истрага, тоа би било многу некоректно и би претставувало злоупотреба на службената должност во очите на јавноста, особено во пресрет на изборите. Во отсуство на релевантни околности, Бирото да ги извести членовите на Конгресот дека кандидатот од спротивната партија или неговите соработници се под истрага би претставувало злоупотреба на службената должност од страна на директорот на ФБИ. Злоупотреба на службената должност е ако агентите на ФБИ отидат толку далеку да издејствуваат налог за претрес и почнат да одземаат документи и компјутери од канцеларијата на кандидатот пред телевизиските камери.

Работата на ФБИ е да истражува, а не да влијае на исходот на изборите.

Таквото постапување исто така може да биде забрането според Законот Хеч, кој забранува службената положба да се употребува за да се влијае на изборите. Тоа е причината зошто ФБИ се претпоставува дека ќе ја задржи истрагата во тајност до по изборите.

И тоа е причината зошто, во саботата, јас поднесов приговор против ФБИ во Канцеларијата на специјалниот обвинител кој ги истражува повредите на Законот Хеч и до Канцеларијата за етика при Владата. Поголемиот дел од мојата кариера ја поминав работејќи на прашања на етиката во државните институции и адвокатската етика, вклучувајќи и две и пол години како главен адвокат за етика кога претседателот Џорџ Буш беше во Белата куќа, и никогаш не помислив дека ФБИ може да биде вовлечено во политички циркус што се одвива во врска со една од неговите истраги. До оваа недела.

(За јавноста, на овие избори јас ги поддржував Џеб Буш, Марко Рубио, Џон Кејсич и Хилари Клинтон за претседател, по тој редослед).

Во петокот, директорот на ФБИ, Џејмс Б. Коми, испрати до членовите на Конгресот писмо со кое ги информира за најновиот развој во врска со истрагата на Агенцијата на електронските пораки на Клинтон, истрага која наводно беше затворена пред неколку месеци. Ова писмо, кое брзо беше објавено на интернет, предизвика многу невообичаени јавни изјави за една истрага на ФБИ во врска со кандидат на изборите. Писмото беше испратено во спротивност со долгогодишната политика на Министерството за правда да не се расправа со други за детали на истрага која е во тек, вклучувајќи ги и членовите на Конгресот. Според некои новински извештаи од саботата, писмото е испратено дури и пред ФБИ да ја добие наредбата за претрес, што е потребно за да ги провери новооткриените пораки. И тоа е испратено недела дена пред изборите, во време кога голем број Американци веќе гласале.

Повреда на Законот Хеч и државните етички правила за злоупотреба на службената положба не се дозволени во било какви околности, вклучително и во случај кога некое официјално лице од извршната власт ќе се најде под притисок од политички мотивирани членови на Конгресот. Ваквите повреди претставуват и поголема загриженост кога државната институција е ФБИ.

Не е јасно дали директорот Коми лично сакал да влијае на исходот на изборите, иако неговото писмо – кое фрла сомнеж врз Клинтон без да открие детали – беше во тој правец. Исто така, загрижува фактот што Коми веќе се појави во јавноста искажувајќи, невообичаено, свое лично мислење за активностите на Клинтон, нарекувајќи го нејзиното постапување со класифицираните информации „исклучително невнимателно“, кога објави ова лето дека ФБИ ја затвара истрагата за нејзините е-мејли без поднесување никакви обиненија.

Но, официјалните лица не мора да имаат посебна намера – или желба – да влијаат на изборите што е во спротивност на Законот Хеч или владините етички правила. Правилата се прекршени ако е очигледно дека активностите на официјалното лице може да влијаат на изборите, ако не постои друга добра причина за таквото делување, и ако лицето дејствува под притисок од лица кои очигледно сакаат да влијаат на изборите.

Отсуство на вонредни околности кои би можеле да оправдаат јавна објава за очекувањето на ФБИ од истражувањето, што вклучува кандидат за јавна функција, направена во пресрет на изборите е многу веројатно кршење на Законот Хеч и злоупотреба на службена положба.

Исто така, сериозни прашања произлегуваат согласно со адвокатските професионални правила на однесување кои бараат обвинителите да избегнуваат прекумерен публицитет и непотребни изјави што би можело да предизвика јавна осуда, дури и за луѓе кои се обвинети за криминал, а да не споменуваме за луѓе како г-ѓа Клинтон, која никогаш не била обвинета за кривично дело.

Ова не е мала работа. Не можеме да дозволиме ФБИ или претставници на Министерството за правда непотребно да објавуваат нерешени истраги во врска со кандидатите од било која партија, додека изборите се во тек. Тоа е злоупотреба на власта.

Дозволувајќи да се случи ваков преседан ќе овозможиме уште полоша злоупотреба на власта во иднина.

 

(Ричард В. Пеинтер, професор на Правниот факултет при Универзитетот во Минесота, беше шеф на адвокатите за почитување на етиката на Белата куќа, од 2005 до 2007.)