Број на текстови објавени денес: 46

„Грин деј“ добитник на „Ем-ти-ви“ наградата за глобална икона

grin-dej-f2

Култниот американски панк-рок состав „Грин деј“ е овогодинашниот добитник на „Ем-ти-ви“ наградата за глобалба икона, која ќе им биде врачена на претстојното доделување на европските „Ем-ти-ви“ награди во Ротердам, на 6 ноември. Составот може да се пофали со кариера подолга од две децении, три освоени европски „Ем-ти-ви“ награди за најдобар рок бенд и со влез во почитуваната „Рокенрол куќа на славните“. Последниот студиски материјал „Банг Банг“, кој е 12-ти по ред, го издадоа во октомври.
На овогодинашното доделување на „Ем-ти-ви“ европските музички награди ова рок трио е номинирано во две категории: за најдобар настап во живо и за најдобри рок изведувачи.

– „Грин деј“ е без сомнение еден од највлијателните рок бендови на светот. Во текот на повеќе од две децении создадоа нови генерации на обожаватели низ сите краишта на планетата, благодарение на страсните текстови и сировиот, моќен звук – истакнал Брус Гилмер, извршниот продуцент на „2016 Ем-ти-ви ЕМА“. Поранешени добитници на „Ем-ти-ви“ наградите за глобална икона се Дјуран Дјуран (2015), Ози Озборн (2014), Еминем (2013), Витни Хјустон (2012) „Квин“ (2011) и Бон Џоуви (2010).

„Ем-ти-ви“ наградите на добитниците ќе им ги врачат презентерите – актерките Нина Добрев и Депика Падукине, супермоделот Џордан Дан, канадската активистка и модел Вини Харлоу, раперот и актер Џејден Смит, раперот Џи-Изи, хип-хоп ѕвездата Тини Темпа и актерот Идрис Елба. Водителка на доделувањето е поп пејачката Биби Рекса, која и ќе настапи заедно со останатите најавени изведувачи меѓу кои се „Кингс оф леон“, Бруно Марс, „Уан рипаблик“, Мартин Гарикс, Зара Ларсон…

Гласањето за сите категории на европските „Ем-ти-ви“ награди трае до сабота, 5 ноември, во полноќ. Номинирани за категоријата најдобар изведувач во регионот се „С. А. Р. С.“, „Елементал“, „Сидарта“, „Луце“ и Тони Зен.