Број на текстови објавени денес: 60

Градовите преполовени, Скопје колку половина Македонија

download-2413

Речиси половина од бруто-домашниот производ во Македонија, поточно дури 42,8 проценти, се создава во Скопје, покажуваат последните податоци објавени од Државниот завод за статистика. Во метрополата е најголем и природниот прираст на населението – разликата помеѓу живородени и починати е 729 лица. Податоците покажуваат дека во многу градови има негативен природен прираст, односно бројот на оние што умреле е поголем од новородените.

За демографите и за статистичарите не е изненадување тоа што продолжува трендот во Скопје да расте концентрацијата на население и на стопанската активност. Тие потенцираат дека наспроти многубројните програми и планови за рамномерен регионален развој, во практика се прави сè тој развој да биде насочен кон Скопје.

Поранешниот директор на Државниот завод за статистика Дончо Герасимовски вели дека многупати потенцирал оти треба да им се посвети многу внимание на демографските движења, зашто тие имаат влијание врз економскиот и социјалниот развој на едно општество.

– Имаме донесен Закон за плански региони, Закон за рамномерен развој, стратегии за миграциони движења, но и покрај тоа не се води сметка за демографската состојба. Тоа се рефлектира на бруто-домашниот производ по региони, во концентрацијата на индустриските капацитети. Во дел од скопските општини традиционално има поголем природен прираст на населението – тоа се Чаир, Арачиново, Гази Баба и Шуто Оризари, а во дел прирастот е резултат на миграционите движења. Во Источниот плански регион, пак, во 80 отсто од општините има намалување на населението, или раселување. Во Пелагонискиот Регион – во големи градови, како што се Битола, Прилеп и Ресен, има негативен природен прираст – вели Герасимовски.

Тој нагласува дека голем дел од македонските села, во демографска смисла, се исчезнати.

– Според податоците од 2002 година, дури 147 населени места се потполно празни, а во 160 има помалку од 10 жители. Оваа состојба денеска е подраматична, но ние немаме попис за реално да согледаме колку жители има во некое населено место. Но, со оглед на тоа дека пред 14 години возраста на просечното население во ридско-планинските подрачја била над 74 години, веројатно во голем број воопшто нема население. Друго е што реално нема податоци за тоа колку млади се иселиле и од кои региони – објаснува Герасимовски.

Во јавноста сè почесто се зборува како цели семејства, не само во Источна Македонија, веќе нашле егзистенција надвор од земјата. Оние што останале, главно бараат работа во Скопје. Статистичките податоци покажуваат дека во 2015 година во Скопје се доселиле 2.367 жители. Младите доаѓаат во главниот град поради поголемите можности за работа, но и поголемите примања, иако изнајмувањето стан е многу поскапо.

Според објавените статистички податоци, БДП по жител во Скопје е за 43,6 проценти поголем од просекот во Македонија. Во близина на просекот се движи источниот регион, а најмал БДП по жител се создава во Полошкиот Регион – 34 отсто понизок од републичкиот просек.

Иако Владата речиси во секој град издвои простор за индустриско-технолошка развојна зона, најголем број од компаниите, сепак се концентрирани во зоните крај Скопје. Таму, според податоците од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, се „Џонсин мети“, „Ван хол“, „Кемет“, „Делфај“, „Диатек“, „Кал-кон“, „Витило“. Дефинирани зони има уште во 11 градови, но фабрики има во Штип (три), Прилеп (две) и по една во Струга и во Кичево