Број на текстови објавени денес: 60

Големото уво ги слушало и Латас и Емил Стојменов

mia33

Идентификацијата на корисниците на незаконски следените телефонски броеви сѐ уште не е завршена, поради обемноста на доказите. Од СЈО ги откриваат податоците за оние кои досега се утврдени.Од доказите што ги обезбедило Специјалното јавно обвинителство во истрагата за предметот „Таргет“ постепено испливуваат имињата на корисниците на незаконски прислушкуваните телефонски броеви. Има и политичари и новинари, но идентификацијата сѐ уште не е целосно завршена поради обемноста на податоците, пишува СЈО.
Како што соопшти СЈО на прес-конференцијата 18-ти ноември, доказите со кои во располагаат упатуваат на основано сомнение дека преку системите за следење на комуникации во периодот 2008-2015 година незаконски била следена комуникацијата на најмалку 4.286 телефонски броеви, за кои воопшто не биле издадени судски наредби за следење. Но, следена била и комуникацијата на телефонски броеви во период пред да биде издадена судска наредба, како и по завршување на наредбата. На таков начин незаконски била следена комуникацијата на најмалку 1.541 телефонски броеви, односно на најмалку 5.827. Притоа, незаконски биле следени и сите лица кои во тој период комуницирале со телефонските броеви кои биле таргет на незаконско прислушување.

Ставрески, Бонева, Мехмети, Куновска…

Покрај соопштениот податок дека незаконски биле следени комуникациите на поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанкиески, од СЈО потврдуваат дека таргет бил и поранешниот вицепремиер и министер за финансии, Зоран Ставрески, за кого има 735 записи во интервал од 1.295 денови. Идентичен број записи и временски интервал незаконски и бил посветен и на поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, денес член на ДИК, Силвана Бонева.

Што значи број на записи во одреден временски интервал?

„На пример, ако за едно лице има вкупно 918 записи за интервал од 1.864 денови, тоа значи дека за 918 денови е регистрирано дека бројот бил незаконски следен, а дека од првото внесување на телефонскиот број во системот до последниот евидентиран датум, се поминати 1.864 дена“, објаснуваат од СЈО.

Покрај веќе соопштениот податок дека незаконски биле прислушкувани лидерот Али Ахмети и поранешниот вицепремиер Муса Џафери, од редовите на коалицискиот партнер ДУИ на листата е и пратеничката Ермира Мехмети, со вкупно 1.133 записи во интервал од 2.095 денови. Меѓу досега идентификуваните корисници на незаконски следени телефонски броеви, се и лица од опозицискиот кампус: лидерот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов со вкупно 180 записи во интервал од 1.279 денови, либералдемократот Андреј Жерновски со 183 записи во 389 денови, како и социјалдемократите Игор Ивановски – Шема со 918 записи во 1.864 денови и Софија Куновска со 269 записи во интервал од 712 денови. Незаконски бил прислушкуван и професорот на Правниот факултет на УКИМ, Љубомир Фрчкоски, со вкупно 573 записи во интервал од 1.075 денови, и поранешниот министер за култура, Ѓунер Исмаил, со 735 записи во 1.295 денови.

Многу записи и за новинарите

Според доказите со кои располага СЈО, голем број од незаконски прислушкуваните лица се од сферата на медиумите. На прес-конференцијата за предметот „Таргет“, од таму веќе соопштија дека незаконски биле следени комуникациите на новинарите Борјан Јовановски, Мери Јордановска и Горан Михајловски. Натамошната идентификација открива дека незаконски бил прислушкуван сопственикот на телевизијата „Канал 5“, Емил Стојменов, со вкупно 573 записи во интервал од 1.075 денови, како и поранешниот сопственик на „Фокус“ и новинар, Никола Младенов, со 661 запис во интервал од 1.163 денови. На листата на незаконски прислушкувани се и новинарите Драган Павловиќ – Латас со 918 записи во интервал од 1.864 денови, Оливера Трајковска со 602 записи во интервал од 1.542 дена, Александар Чомовски со 735 записи во интервал од 1.295 денови, Катерина Блажевска со 918 записи во 1.864 денови и Васко Ефтов со 918 записи во 1.864 денови.

Идентификацијата на корисниците на незаконски прислушкувани телефонски броеви не е завршена поради обемноста на доказниот материјал. Според СЈО, на списокот на незаконски прислушкувани има уште новинари, голем број бизнисмени, политичари, верски лица, академици…

Предмет на истражување во „Таргет“ е работењето на системите за следење на комуникации во периодот од 2008 година заклучно со 2015 година, пришто од СЈО било утврдено дека во тој период во употреба биле три различни системи за следење на комуникациите. Десет лица се осомничени дека ја искористиле својата службена положба и овластување на штета на средствата на државата, и преку злоупотреба на системите за следење на комуникациите потешко ги повредиле основните човекови права на незаконски прислушкуваните граѓани.