Број на текстови објавени денес: 65

Генерал Милески од денеска командува со ЗОК

download821

Во касарната „Боро Менков“ во Куманово, се одржа свеченост по повод примопредавање на должноста командант на Здружената оперативна команда (ЗОК), каде бригадниот генерал Зоран Милески, должноста командант на ЗОК ја прими од генерал-мајор Васко Ѓурчиноски, кој со Указ на Претседателот на Република Македонија е назначен за висок воен претставник на Република Македонија во седиштето на НАТО во Брисел.

На свеченоста согласно Правилото за воен протокол пред стројот на припадниците на ЗОК со пригодни говори се обратија заменикот на началникот на ГШ на АРМ, досегашниот и новопоставениот командант на ЗОК.

Генералот Рацај, во своето обраќање на досегашниот командант му посака на новата одговорна позиција да даде придонес во процесот за побрзо интегрирање на Република Македонија во НАТО алијансата и воедно му оддаде признание за дадениот личен придонес за оваа команда. Честитајќи му ја новата должност на новопоставениот командант му посака успешно командување и водење на оваа респективна команда во уште поголеми успеси и со неговите докажани војнички и лидерски вештини и способности во потполност да ја потврди довербата која му е укажана од Врховниот командант.

Генералот Ѓурчиновски во својот говор изрази благодарност до припадниците на ЗОК за видливо постигнатите резултати од работата преку нивното ангажирање на јужната граница, учеството во операциите за поддршка на мирот и меѓународните вежби.
Новопоставениот командант потенцираше дека обучувањето и извежбувањето на командите и единиците, постојано подобрување на борбената готовност, реализацијата на меѓународните обуки и вежби, создавање подобри услови за работа, подготвеност и справување со сите видови предизвици се клучните сфери на кои ќе им посвети посебно внимание.

Со примопредавањето на военото знаме на командата се изврши и официјално примопредавање на должноста, командант на ЗОК.
На свеченоста присуствуваа заменикот на началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, поранешни и команданти на потчинетите команди и единици и други гости.

ЗОК е потчинета команда на Генералштабот чија мисија е да ги подготви конвенционалните копнени и воздухопловни сили на АРМ за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и независноста на РМ, со декларираните сили да учествува во операции за поддршка на мирот и превенција од конфликти и справување со регионални конфликти и кризи во операции предводени од НАТО, ООН, ОБСЕ, ЕУ, и други меѓународно договорени сојузи и да придонесува во заштита на пошироките интереси на Република Македонија.