Број на текстови објавени денес: 46

Вработени во Кривичниот суд се скарале за Панчевски, интервенирала полицијата

mkd-235380

Во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, денеска околу 12.30 часот се случил инцидент кој бил разрешен откако дошла полицијата. Како што неофицијално дознаваме од полициски извори за малку не дошло до тепачка, а полицијата направила записник за настанот.

На инцидентот му претходела нервозна и крајно тензична дискусија која била во насока на жестоки напади од вработените кон претседателот на судот Владимир Панчевски.

Во таква атмосфера, вработена во судот на висок тон побарала да не се напаѓа и клевети Панчевски, на што еден вработен превртел биро и се втурнал кон вработената за која се зборува дека е во блиски односи со Панчевски. Секретарката на Панчевски повикала полиција.

Според полициски извори инцидентот се случил пред канцеларијата на Панчевски. Вработената  која трвди дека и биле упатувани закани и која го бранела Панчевски е од секторот за односи со јавност, а другиот вклучен во инцидентот работел во секторот за човечки ресурси.

Полицискиот записник од денешниот инцидент ќе биде испратен до Јавното обвинителство кое понатаму ќе треба да реши дали ќе биде поведена постапка.

Од Основниот суд потврдуваат дека имало кавга меѓу вработени во судот, но децидни се дека инцидентот не е поврзан со претседателот на судот Владимир Панчевски. Од судот отфрлаат било какви шпекулации дека имало превртување на бироа и кршење на инвентар како и дека во настанот бил инволвиран претседателот на судот.

– Во судот денеска имало настан во кој еден од вработените најпрво вербално нападнал друг вработен со закани по неговиот живот, а потоа и физички го нападнал, по прецизно го бутнал од столче, по што нападнатиот ги известил претпоставените во судот дека за истото ја инфомирал полицијата, која пристигнала во судот и го документирала настанот, а целиот настан се случил пред друг вработен кој бил сведок – објаснуваат од судот.