Број на текстови објавени денес: 70

Во рацете на Тодоров се нови 860 инфекции со ХИВ и 290 смртни случаи

15310724_10210730519393641_1400781914_n

Со едноминутен молк и цвеќиња врзани со црни панделки невладините организации го почнаа денешниот протест посветен на борбата со ХИВ, организиран по повод 1 Декември, Светскиот ден на сида. Протестот почна пред Министерството за здравство во знак на револт од кратење на парите од буџетот наменети за лекување и превенција на оваа инфекција.

– Ова е последниот 1 Декември во кој што земјава добива меѓународна поддршка за да ги спроведува интервенциите од Националната програма за ХИВ. Поддршката од Глобалниот фонд завршува најдоцна до јули 2017 година, а благодарение на оваа поддршка Македонија успеа да ја одржи контролата на ХИВ помеѓу групите од особен ризик за ХИВ. Наместо за следната година да се планира зголемување на домашното финансирање за да се надополнат финансии што досега ги добивавме со меѓународна поддршка, спротивно на сите заложби буџетот за 2017 година беше скратен за 59 отсто, од потребните 65 милиони на 27 милиони – велат од ХЕРА.

Со скратениот буџет, предупредуваат невладините, Македонија се оддалечува од глобалните заложби за стопирање на епидемијата, ќе се затворат сите теренски и стационарни сервиси за ХИВ за групите со најголем ризик, кои функционираат во повеќе од 14 градови. Со кратење на буџетот најмалку 15.000 припадници на ранливи категории граѓани ќе останат без пристап до основните животно загрозувачки услуги за превенција и за рано откривање на ХИВ.

– Земјава ќе се соочи со пораст на нови случаи на ХИВ, бидејќи направеното истражување покажа дека доколку се одржи досегашното ниво на финансирање ќе се спречат 860 нови инфекции, а ќе се избегнат и 290 смртни случаи поврзани со ХИВ до 2030 година – велат од ХЕРА.

Невладините бараат ургентно да се направи корекција на буџетот за 2017 година, да се најде ургентен механизам за финансирање на програмите за групите под ризик за ХИВ.

Фото: Плусинфо