Број на текстови објавени денес: 70

Воздухот во Битола екстремно загаден, локалната власт наместо мерки нуди препораки

protest-bitola

Повеќе од еден месец, 7 денови во континуитет, битолчани дишат екстремно загаден воздух. Податоците од двете мерни станици кои функционираат во склоп на државната мониторинг мрежа при Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), покажуваат дека концентрациите на најкритичната загадувачка супстанција, суспендираните ПМ10 честички, се далеку над дозволеното ниво од 50 микрограми на м³, објави Публикум.

Официјалните податоци од мерната станица „Битола 1“ лоцирана на периферијата на градот, покажуваат дека концентрацијата на ПМ10 честичките во изминатите денови редовно била 7 до 9 пати над дозволеното. Слични показатели забележала и мерната станица „Битола 2“, која го мери квалитетот на амбиентниот воздух во централното градско подрачје. Пред 2 дена таму била измерена и највисоката концентрација на ПМ10 честичките од 550 микрограми на м³, што е 11 пати над дозволената граница. Впрочем, графичкиот приказ на измерените вредности во двете мерни станици во неделата која изминува, на најсликовит начин ги прикажува поразителните резултати.

Постои уште еден податок кој треба да ги загрижи битолчани: анализата на измерените податоци за тековната 2016 година покажува дека на повеќе од еден месец до крајот на годината, концентрациите на ПМ10 честичките измерени во двете мерни станици ги надминале дозволените 35 денови во текот на една календарска година. Заклучно со денешниот ден, „Битола 1“ регистрирала 64, додека пак „Битола 2“ дури 91 ден во кои дозволените 50 микрограми на м³ повеќекратно биле пречекорени.