Број на текстови објавени денес: 70

Власта стиска сѐ по список

dzabir-derala

Невладината организација „Цивил“ алармира за голем број случаи во кои јавните ресурси се злоупотребуваат за партиски цели во изборниот период.

– Во еден случај граѓанка чиј мобилен телефон гласи на име на друг член на семејството, прима повици од партиски штаб при што ѝ се обраќаат со нејзиното име и презиме. Тој телефонски број граѓанката го пријавила како контакт во една здравствена установа и во една банка. Ова значи дека личните податоци за граѓанката можеле да се добијат или од банката или од „Мој термин“ каде се евидентираат овие податоци за пациентите – рече денеска Џабир Дерала од „Цивил“ на прес конференција.

Во оваа организација забележале и голем број случаи на злоупотреба на децата во основните и во средните училишта преку вршење притисок врз родителите.

– Наставниците или членовите на родителскиот совет се јавуваат кај родителите и им прават притисок да гласаат за владеачката партија, а ако тоа не го сторат тогаш им се закануваат дека детето нема да добие преодна оценка, или ќе ја повторува годината – објаснува Дерала.

„Цивил“ забележува и, како што вели, ужасна злоупотреба на социјално ранливите категории на граѓани, притисоци и манипулации со сиромашните и со социјалните случаи. Од оваа организација велат и дека нема напредок во медиумската сфера.

– Продолжува говорот на омраза, повиците за егзекуција на бранителите на човековите права, и валкана кампања која се спроведува преку одредени медиуми и медиумски експонирани апологети на власта. Се нотира говор на омраза и во одредени интернет изданија блиски до опозицијата – вели Дерала.

Од „Цивил“ имаат и големи забелешки за работата на Државната изборна комисија.

– Граѓаните и граѓанките имаат право да знаат што се случува со нивните пари кое се дадени на располагање на ДИК. Наместо тоа нотираме целосно отсуство на транспарентноста во процесот. Ревизијата на Избирачкиот список не даде резултати во над 200 случаи на фантомски гласачи доставени до „Цивил“ во текот на пролетта, нотираме само два случаи кои се корегирани – објаснува Дерала.

Тој вели и дека фантомските гласачи се селат од една на друга адреса, а голем број иселеници фигурираат во избирачкиот список иако се повеќе од 20 години отселени од земјава.

– Нашите мониторинг тимови дојдоа до голем број случаи во кои гласачи се регистрирани во напуштени куќи, урнати па и непостоечки објекти – рече Дерала.

За „Цивил“ загрижувачко е и однесувањето на Кривичниот суд кој одеднаш има проблем да издаде навремени потврди за неосудуваност на кандидатите за пратеници на Либералната партија и на СДСМ.

– Бараме одговорност од сите оние што ги прават опструкциите во овој процес – рече Дерала.

Тој ги повика ЈСП „Скопје“ и владеачката партија да кажат кој ги изнајмил автобусите што ги возеле жените на конгресот на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и со чии пари е платен превозот.