Број на текстови објавени денес: 65

Вечерва почнува „Синедејс“

cinedays

Со српскиот филм „Дневникот на машиновозачот“ во режија на Милош Радовиќ вечерва во киното „Милениум“ ќе биде отворен 15. Фестивал на европски филм „Синедејс“ (CineDays). Филмот е добитник на награда од публика на фестивалот во Москва, а на скопската проекција ќе гостува дел од екипата меѓу кои и главниот актер Лазар Ристовски.

Осум филмови во официјалната програма и шест во селекцијата балкански филмови (СинеБалкан), како и 25 во гала-програмата ќе бидат прикажани на годинашниот „Синедејс“ кој ќе се одржува во кината „Милениум“, „Фросина“ и во Џебното кино на Младинскиот културен центар до 19 ноември кога ќе биде затворен со хрватскиот филм „Устав на Република Хрватска“ на Рајко Грлиќ, во кој копродукциски учествува и Македонија.

Меѓу филмовите во официјалната селекција ќе се натпреварува и германскиот филм „Тони Ердман“ кој е номиниран за европскиот оскар, а во програмата СинеБалкан меѓу другите е и „Добра жена“ – дебитантски филм во режија на актерката Мирјана Карановиќ.

Во гала-програмата, за која има најголем интерес на „Синедејс“, и оваа година се филмови од звучни режисерски имиња, наградувани на најголемите фестивали. Меѓу нив се насловите: „Сол и оган“ на Херцог, „Патерсон“ на Џармуш, „Аве, Цезар“ на браќата Коен, „Комуна“ на Винтерберг, „Убавите денови во Аранхуез“ на Вим Вендерс, „Кафе-друштво“ на Вуди Ален, „Хулиета“ на Алмодовар, „Таа“ на Пол Верховен, „Аргентина“ на Карлос Саура, „Рај“ на Кончаловски…

На „Синедејс“ ќе има и програма „МК во ЕУ“ која ќе има три филма со копродукциско учество на Македонија – романскиот „Сиера Невада“ на Кристи Пуиу, словенечкиот „Ноќен живот“ на Дамјан Козоле и хрватскиот „Устав на Република Хрватска“, како и црногорскиот „Игла под прагот“ (од програмата СинеБалкан) во кој игра Никола Ристановски, а музиката е на Тони Китановски.

Селектор на натпреварувачките програми (Официјалната и СинеБалкан) е Бернд Будер, а за наградите ќе одлучуваат две жирија – Чедомир Колар, Зринко Огреста и Игор Иванов – за осумте филмови од Официјалната програма и Если Ердем, Нина Раковец и Дамир Чучиќ – за шесте филмови од СинеБалкан.