Број на текстови објавени денес: 60

„Веро“ ќе прави попис на ден на избори, сите задолжително на работа?!

administration-boots-500x352

На вработените во синџирот супермаркети „Веро“ вчера им била прочитана одлука дека неделата, на 11-ти декември, за кога се закажани парламентарните избори во Македонија, ќе биде работен ден и сите вработени треба да бидат на работа од 6 часот наутро до 19 часот навечер, со образложение дека на тој ден ќе се спроведе попис, објави ЦИВИЛ – Центар за слобода повикувајќи се на пријава од граѓанка, која сакала да биде анонимна, а која се сомнева дека ваквата одука е обид да се спречат вработените да излезат на гласање.

ЦИВИЛ Медиа стапи во контакт со правната служба на „Веро“, од каде ја потврдија информацијата.

– Да, точна е информацијата, меѓутоа, работното време не е тоа, работното време е од 8,30, од причина што е ден на избори. И затоа, малку го поместуваме времето, за некој што ќе сака утрото, од 7 часот, да оди да гласа, да го реализира тоа право, а за тие што нема да бидат во можност утрото, ќе организираме групи во текот на работниот ден. Колку групи ќе бидат потребни не можам да ви кажам, бидејќи не знам колку од нив ќе гласаат пред да почне пописот – изјави за Цивил Бојана Николовска, од правната служба на ВЕРО.

На прашањето, зошто донеле ваква одлука, особено со оглед на фактот што досега, „Веро“ секоја година, спроведувал попис – на втори јануари, Николовска одговори: „Тоа не знам да ви кажам, тоа е одлука на фирмата. Причина не се бара за тоа, има одговорни лица, одлучуваат за датумот и немам таква информација. Кога тие ќе посакаат, може да стават датум за попис. Овластените лица се Грци, не верувам дека не знаат дека е ден на избори, сигурно знаат. Меѓутоа, ние знаеме дека е кривично дело ако спречиш некого да гласа, затоа ќе се организираме и секој што ќе посака ќе го пуштиме да гласа“.

Николовска нагласува дека ваквата одлука е проблематична и дека ќе се обидат да ја променат истата.

– Најубаво би било да не биде тој ден и јас ќе се обидам да го поместам датумот, не верувам дека еден ден подоцна, ќе им значи нешто на претпоставените – изјави Николовска.