Број на текстови објавени денес: 86

Британската Влада ќе мора да ги консултира пратениците за Брегзит, реши Суд во Лондон

britanija-vishi-sud-london

Британскиот Парламент ќе мора да се изјасни за тоа кога Владата ќе може да го покрене членот 50 од Лиабонскиот договор, за да почне процесот на напуштање на Велика Британија на ЕУ, реши денеска Вишиот суд во Лондон.

Тоа значи дека Владата на премиерката Тереза Меј не може самата да го покрене процесот за истапување на земјата од ЕУ и тогаш кога таа ќе сака тоа да го направи.

Меј, која по референдумот од 23 јуни го наследи Дејвид Камерон на премиерската функција, уверуваше досега дека референдумското изјаснување на Британците и овластувањата што ги има Владата, и даваат право да го почне процесот за Брегзит без согласност на пратениците.

Ваквата владина позиција која опозицијата, но и правни експерти ја оспоруваа, нарекувајќи ја незаконска затоа што го заобиколува Парламентот, беше обжалена пред Вишиот суд во Лондон.

Формалната „тужба“ против Владата ја поднесе влијателното Друштво на правниците, кое на крајот успеа да ја порази Владата во битката за членот 50.

Победата на Друштвото на правниците доаѓа во време на обновената антиевропска кампања во десно ориентираните медиуми и обвинувањата дека противниците на Брегзит сега се обидуваат да го девалвираат референдумот и да не ја испочитуваат „волјата на народот„.

Засега нема коментар од Даунинг стрит 10, но се очекува Владата да поднесе жалба до Врховниот суд.

Претходно, Тереза Меј најави дека процесот за истапување од ЕУ ќе го започне до крајот на март 2017 година и тогаш кога Ввладата ќе биде подготвена.

На референдумот 51,9 отсто од Британците беа „за“ Брегзит, додека 48,1 отсто беа „против“.