Број на текстови објавени денес: 0

Брајан Кренстон: Сакам да ме глуми Мистер Бин

brajank
Актерот Брајан Кренстон, или Волтер Вајт како што го знаат фановите на „Брејкинг Бед“, открива кога во животот бил најсреќен, кому би му се извинил и дека во главна улога за неговиот живот би сакал да го види Мистер Бин.

„Сега е страшно добро“, одговара 60-годишниот Кренстон на прашање од Гардијан за тоа кога во животот бил најсреќен.

Првото нешто на што се сеќава во животот е како ползи околу елка. Актерот признава дека плаче кога ќе се присети на неговата мајка, а смета дека единствено нешто што би го подобрило квалитетот на неговиот живот е ако сите луѓе се љубезни.

Кренстон кај себе не го сака тоа што е нетрпелив, а не му се допаѓа ни тоа што кога ќе погледне во огледало секогаш гледа стар човек што не го препознава.

Омилена книга на актерот му е „Мажите се од Марс, а жените од Венера“ и вели дека би и се извинил на секоја девојка со која што се забавувал пред да ја прочита таа книга.

Најголема љубов во животот му е сопругата, со која и го имал најдобриот бакнеж.

На прашањето „Да може да патува низ времето, каде би одел?“ – Кренстон одговара: „Во Англија во времето на Елизабета, за да ја видам експлозијата на креативноста во музиката и драмите, но би останал само кратко, да не ме фати чума“.

Најважната лекција што ја научил во животот е дека човек кога не е среќен треба да се преправа дека е и наскоро навистина ќе биде среќен.

На молба од Гардијан да открие една тајна, актерот вели: „Понекогаш навистина не знам што правам“.