Број на текстови објавени денес: 46

Борис Џонсон нема да учествува на денешниот министерски состанок на ЕУ за Трамп

download-4220

Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, нема да присуствува на денешниот вонреден состанок на шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ, посветен на победата на Доналд Трамп на американските избори, соопшти Форин Офисот.

Во соопштението се вели дека Џонсон ќе учествува на редовната министерска конференција, што ќе се одржи во понеделник, но дека е непотребно организирање вонреден состанок, 24 часа порано, кога веќе еднаш ќе се сретнат европските министри.

Наместо Џонсон, на денешниот состанок ќе присуствуваат високи функционери на британскиот Форин Офис.

– Не гледаме потреба од специјален состанок, денес, затоа што терминот за американските избори е одамна познат, а еден состанок веќе е закажан за утре (понеделник) – изјави во Лондон претставник на британското Министерство за надворешни работи.

Овој претставник објасни дека американските гласачи го направиле својот избор, сега тече период на транзиција, а официјален Лондон ќе работи со сегашната и со идната администрација на САД , во најдобар интерес за Велика Британија.

Џонсон, во петокот, ги критикуваше европските министри што продолжуваат да се занимаваат со Трамп, предлагајќи им место тоа да се свртат кон иднината и уредувањето на односите со Вашингтон.

Изјавата на британскиот шеф на дипломатијата е сосема различна од изјавата на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, кој предупреди дека изборот на Трамп за претседател, може да ги наруши односите меѓу ЕУ и САД.