Број на текстови објавени денес: 60

Ахмети ги предупреди Албанците да не веруваат во ветувањата за раеви

foto-bogovine1

Некои политичари ветуваат рај, меѓутоа, само на збор. Наводно, овие сили ќе ги ослободеле Албанците од „канџите“ и „ропството“, на ДУИ, рече претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на вчерашната средба со граѓаните во општина Боговиње, на која присуствуваа и претседателот на Изборниот штаб, Беким Незири, градоначалникот на општината, Хазби Идризи и претседателот на огранокот на ДУИ, Берзах Бејтулаху-Хаки.

Тој зборуваше за достигнувањата на ДУИ, како што е отворањето на албанските универзитети, зголемувањето на бројот на албанските студенти на 20.000, вработувањето на повеќе од 4.000 албански војници и полицајци, факти кои говорат за имплементацијата на Охридскиот договор.

Ахмети нагласил дека договорот од Пржино треба задолжително да се почитува од страните потписнички, затоа што тој треба да ги стабилизира државните институции, кои со кризата се доведоа на работ на колапсот.

Според него, многуте партии ги ослабуваат Албанците.

– Треба да бидеме внимателни затоа што „белата мечка“ не седи мирна. Определбата на Албанците е Западот а не Истокот, затоа што Албанците сакаат да живеат слободни и без граници. Албанците не треба да бидат жртва на празните зборови. На пушката и личи во војна, а на зборот во Собрание – рече Ахмети, додавајќи дека ДУИ работи во насока на подобрување на квалитетот на животот на Албанците на сите полиња.