Број на текстови објавени денес: 86

Атина: Нема играње со националните прашања

tsipras_erdogan

Во Грција сè поголема е вознемиреноста по новите изјави на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и на албанскиот премиер Еди Рама, кои се во спротивност со грчките барања во односите со Турција и со Албанија. Изјавите на Ердоган со кои турскиот премиер ги доведува во прашање границите меѓу Грција и Турција, одново предизвикаа вознемиреност кај Грците.

Откако Ердоган предизвика искри во Грција со изјавите дека е можно да се стави под знак прашалник важноста на Лозанскиот договор, вчера со нови изјави истакна дека можеби треба да се преговара одново за границите со сите соседи на Турција и тоа во момент кога двете држави се интензивно ангажирани околу преговорите за решавање на кипарското прашање.

Според Ердоган, Лозанскиот договор не е свет документ за да не може да се преиспита. Тој посочи дека Турција ќе го стави на маса за да разговара за него.

Овие изјави само ги потхрануваат грчките стравови дека Ердоган може да ја отвори темата за границите.

Од грчкото министерство за надворешни работи коментираат дека ставањето под знак прашалник на Лозанскиот договор е неприфатливо.

Портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, посочи дека надворешната политика и националните прашања се нешто со кое не може да се играат игри и за кое е неопходна сериозност.

Под знак прашалник е како овие изјави ќе влијаат на средбата меѓу грчкиот премиер Ципрас и Ердоган, закажана за декември.

Албанскиот премиер Рама, пак, во интервју за телевизијата „Скај“ јасно истакна дека бара Грција и Албанија да разговараат за целосен пакет за сите билатерални прашања, вклучувајќи ги и водната граница и формирањето воени гробишта за грчките војници. Вознемиреност во Грција предизвика неговото инсистирање дека албански архиепископ го спасил Партенон во 18 век. Рама ги отфрла грчките тврдења дека албанските барања во грчко-албанските односи се иредентистички и ги отфрли тврдењата и стравувањата дека постои план за Голема Албанија.

– Природната Албанија е европската Албанија која треба да е дел од европското семејство. Ние сме народ со две држави. Ги имаме Албанија и Косово, ги имаме Албанците кои живеат во Србија, кои живеат во Црна Гора. Не постојат мапи со Голема Албанија во ниеден учебник. Сите можеме да сме дел од големата Европа – вели Рама.