Број на текстови објавени денес: 0

АНАЛИТИЧАРИ ЗА ПРОГРАМАТА НА ВМРО-ДПМНЕ „Реално“ нема врска со реалноста!

hajedini

Тоа што владеачката партија го напишала во својата изборна програма „Реално“ се само празни зборови, кои нема намера да ги реализира. Реално е тоа што сме најсиромашната земјава во Европа. со најзагаден воздух и со најниски плати, коментираат домашни аналитичари.

Овие избори не се за борба на партиски програми, туку тие се избори за криминалците да одат во затвор, вели економскиот аналитичар Џевдет Хајредини.

– Во последниве години имаме парламентарни избори на секои две години, а програмите се однесуваат на четири години. Тоа значи ниту еден мандат не бил завршен. Бројките во оваа програма се тресат од ракав, независно од тоа што во иднина ќе се случи. Сега на секои две години ни се нуди речиси истата програма. Овие бројки не се даваат со цел да се остварат, зашто немаме практика некоја влада, доколку прогнозите дадени во програмите не ги оствариле, да падне – вели Хајредини.

Од програмата „Преродба во сто чекори“ од 2006 година, потенцира тој, ниту еден инфраструктурен или енергетски проект не само што не е завршен, туку не е ни почнат.

– Иако кога даваат отчет велат дека не само што го оствариле ветеното, туку и го надградиле, тоа е ноторна лага. Не е изградена ниту една хидроцентрала, не е проширен капацитетот и не е гасифицирана на термоцентрала „Неготино“. Автопатот Демир Капија – Смоквица требало да се заврши во 2008 година. Влатко Ѓорчев сега оди во Тетово и вели дека милиони ќе се инвестираат на Попова Шапка, што е многу корисно. Но, Никола Груевски четири години години најавува дека ЕЛЕМ ќе инвестира таму 30 милиони евра, а апсолутно ништо не е направено. Проектот „Скопје 2014“ го нема во ниту една нивна нивна програма, но за него се потрошени 800 милиони евра. Ветуваше Груевски 8 милијарди странски инвестиции, но ние сме на последно место по директни странски инвестиции, на последно место според висината на платите, на највисокото место според невработеноста и сиромаштијата. Тоа се крајните последици од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ – категоричен е Хајредини.

Али Ахмети, забележува Хајредини, вели дека ќе вработувал од секое семејство по еден член.

– На кој начин во пазарно стопанство Владата ќе вработува луѓе? Толку се неписмени, дури и не паметат што кажале, само ја повторуваат истата глупост. Не ме чудат овие небулози што само ги повторуваат. Граѓаните и медиумите не треба воопшто да ја земаат здраво за готово оваа програма. Овие избори не се натпревар на партиски програми, овие избори се за криминалците да одат во затвор. И ќе одат – порачува Хајредини.

Во најновата програма ВМРО-ДПМНЕ ветува дека до 2.020 година БДП ќе порасне на 4,5 отсто, невработеноста ќе се намали на 17 отсто, платата во јавната администрација и пензиите ќе се зголемат за 10,25 отсто. Минималната плата ќе достигне 14.000 денари, а во текстилната и во кожарската индустрија постепено ќе се зголемува до 13.500 денари.

Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование вели дека реално оваа програмата е – нереална.

– Десет години имавме шанса да видиме што ВМРО-ДПМНЕ прави за Македонија, а тоа е дека сме на дното според квалитетот на здравствениот систем, повеќе од една третина од населението живее на прагот на сиромаштија, загаденоста на воздухот е највисоко во Европа.Реално ништо не сме добиле, за да може да очекуваме дека ова што го ветуваат сега ќе биде имплементирано. „Реално“ е роман за научна фантастика, во кој читаме за розов паралелен универзум, додека во вистинскиот живот луѓето умираат леб и за основни продукти – вели Стојковски.

За реланоста на ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ стигна абер и од Меѓународниот монетарен фонд. Во неговиот последен извештај се вели дека пензискиот систем во Македонија се соочува со значителна финансиска нерамнотежа поради стареењето на популацијата и намалување на придонесите, па им препорачува на властите да размислат за зголемување на старосната граница за пензионирање, а не за зголемување на пензиите.