Број на текстови објавени денес: 0

АНАЛИЗА Сиромашни во елитно друштво?!

%d1%81%d1%831

Македонија – топ реформаторска земја со квалитетна бизнис клима или само нормативно мерење што покажува дека економијата формално има напредок, но не и суштински. Оваа дилема се отвори повтроно, откако Светска банка го објави годинашното рангирање на “Дуинг бинзис“ во кое напреднавме за две места и се позиционирвме на 10-то, пишува неделната економска анализа на Порталб.мк. Како е можно земјава да е подобра од развиената Германија, или на истокот Кина?

Од земјите кои се најдоа во првата десеторка на ранг листата на „Дуинг бизнис“, Македонија е единствена економја која е во развој. Сите останати се веќе развиени земји, како Шведска, САД, Велика Британија, Норвешка, Данска. Зад нас, според ова рангирање, се развиената Германија и на истокот, на пример Кина. Ова мерење, според дел од економистите и бизнисмените, е формално бидејќи се мери законскиот напредок, но не и квалитативната примена на законите, со што не ја дава реалната слика за вистинската состојба со бизнис климата.

– Проценката на спроведените реформи според овој извештај не е ништо друго освен една проценка околу подобрувањето на правната регулатива и условите за започнување на бизнис. Во оваа насока слободно може да кажеме дека Македонија, од аспект на подобрување на правната регулатива, има направено соодветни чекори кои и овозможуваат значително подобра проценка. Од друга страна, на пример, нестабилната политичка состојба не е критериум во овој извештај. Доколку беше, реалните ефекти од ваквите проценки ќе беа многу далечни. Сметам дека извештајот е далеку од реалната состојба со која се соочува бизнис заедницата. А дека состојбата не е сјајна и не се совпаѓа со реалноста, може да се види ако се анализира кои земји се зад нас, како на пример една Германија – изјави неодамна економистит Арбен Халили.

Според аналитичарот Бранимир Јовановиќ, извештајот кој ја рангира Македонија како „топ реформатор“ во светот се коси со реалноста во економијата.

– Овој извештај го сметам за контроверзен затоа што не е јасно дали тој се вклопува со мисијата на Светска Банка која е насочена кон искоренување на сиромаштијата. Според мене, има неколку проблематични точки. Една од нив е дека индикаторите, според кои се врши рангирањето, ги мерат правните аспекти, односно се однесуваат на „де јуре“ страната, а не на „де факто“. Ова значи дека имплементацијата, односно примената на таа регулатива не е опфатена со извештајот. Ова значи дека некоја земја формално-павно може да обезбеди брзи процедури за отворање на фирма, но прашање е како тоа функционира во пракса – вели економскиот аналитичар Јовановиќ.

Од Владата посочуваат дека напредокот во годинашниот извештај е потврда за успешните политики и признание за спроведените реформи.

– Ова е историски резултат кој произлегува од големата посветеност и труд на Владата на Република Македонија, на сите кои беа и се задолжени за економските политики, кои работеа и работат на спроведување на низа реформи со цел да се подобрат условите за работа на домашните и странските компании во земјата. Република Македонија е петто рангирана земја во Европа, а пред нас се само Данска, Норвешка, Велика Британија и Шведска – изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Зад ваквиот напредок, според министерот за финансии Кирил Миновски, стојат постигнати успеси и во даночната и во административната политика.

– Благодарение на континуираните реформи и настојувања за постојано подобрување, денес во Македонија се стопанисува побрзо и поевтино во однос на пред десет години или во однос на сегашните процедури во земјите од Европа, централна Азија и ОЕЦД. Така денес во Македонија се плаќа три пати пониска ефективна даночна стапка, три пати побрзо се увезува и извезува стока, при што извозот е удвоен и намален е трговскиот дефицит – истакна министерот Миноски.

За почнување на бизнис, земјава е рангирана на 4. место, а во однос на процедурите за вадење на градежни дозволи на 11. Врз основа на критериумот „снабдување со струја“, се наоѓаме на 29. место, а за „регистрирање на земјиште“ на 48. место. Според критериумот „одобрување на кредити“, земјава се најде на 16. место. Македонија од 2006 до сега, секоја година бележи напредок на оваа ранг листа, па така од 94. место во 2006 година, денес е на 10. место.

„Дуинг бизнис“ ги гледа само нормативните мерки, значи што сте правеле нормативно, законски, дали сте имале некој напредок во тие нормативни мерки. Од друга страна Светска банка исто така имаше еден извештај кој се однесуваше на Република Македонија, во кој имаше многу критики, пред се во намалувањето на приватните инвестиции, посочува дополнителниот заменик-министер за финансии Кире Наумов.

И дел од бизнисмените укажаа на нормативниот напредок што го мери ова рангирање, но не и квалитативното подобрување на бизнис климата.

– Од аспект на инфраструктурата која секојдневно ги тангира компаниите, ние секогаш инсистираме, тие инвестиции да бидат насочени кон подобрување на условите за бизнис – вели претседателот на Комората на Северозападна Македонија, Неби Хоџа.
Додека „Дуниг бизнис “ не рангира високо, во првата „десеторка“, од друга страна, земјава е во групата на оние со најголем број на сиромашни луѓе, односно секој четврти живее под линијата на сиромаштија, неможејќи да ги задоволи ниту основните егзистенцијални потреби. Според најновото истражување на Заводот за статистика, во Македонија 444.500 граѓани живеат под праг на сиромаштија, со пет долари на ден, не можејќи да ги задоволат ниту основните животни потреби.