Број на текстови објавени денес: 60

Амбасада на САД: Директно комуницираме со претставници од Владата и со партиите

usembassyskopje12

Амбасадата на САД директно комуницира со претставници од Владата на Република Македонија и со сите политички партии, како дел од нашиот вообичаен дипломатски ангажман. Тоа е наша работа, одговори амбасадата на САД на барање на Фокус да ги коментира информациите кои ги објави РСЕ, дека владејачката ВМРО – ДПМНЕ и платила на американската компанија Дашл груп и за средби и телефонски контакти со амбасадорот Џес Бејли.

„Ние, исто така, зборуваме со граѓаните на САД кои се заинтересирани за овдешниот развој. Нашите позиции за политичката криза и за други прашања се добро познати“, се вели во одговорот на амбасадата на САД.

Радио Слободна Европа пишува дека во документот објавен на 28 октомври на американската државна агенција за регистрација за странски соработници во Министерството за правда конкретно е наведено дека за ВМРО-ДПМНЕ Дашл груп комуницирала со американската извршна власт и агенциите и со други личности и организации вклучени во владини и јавно политички прашања за теми кои имаат влијание врз интересите на ВМРО-ДПМНЕ.

РСЕ пишува дека според договорот кој се уште е во сила, владејачката партија и плаќа на Дашл груп 49.500 американски долари месечно.