Број на текстови објавени денес: 0

Адвокатката на осудениот Сашко Стојчев побара Врховниот суд да ја пресипита казната

presuda-detonator-4-custom-520x275

Мери Георгиевска, адвокатката на Сашко Стојчев, осуден на доживотна казна затвор во случајот „Детонатор“, кој е во бегство, побара денеска од Врховниот суд да ја преиспита одлуката на Основниот суд Скопје 1, како и потврдата на скопска Апелација за пресудата и случајот да го врати на почеток.

– Сто и три специјалци на МВР, десетина полицајци и исто толку инспектори беа ангажирани да ги уапсат 15 сега осудени во случајот „Детонатор“. Целиот судски процес имаше 45 рочишта, а казната е напишана на 280 страници. Во ниту еден момент од процесот не се докажа ниту со Посебните истражни мерки дека тие делувале како злосторничко здружение. Какво мафијашко здружение биле кога само 4 пати за осум месеци мојот клиент со другите зборувал по телефон. Не се докажа ни кој наводно нарачувал, кој ги поставил, ниту пак кој ги активирал бомбите кои наводно од страна на сега осудените му биле поставувани под возилото на полицаецот Драганчо Стојменов. Со оскудни докази, мојот клиент Сашко Стојчев од судот беше осуден на доживотен затвор за наводно сторени кривични дела злосторничко здружување, убиство, изнуда, лихварство и насилство – рече адвокатката Георгиевска на осудениот Стојчев, кој веќе 3 години е во бегство, а е суден во отсуство.

Додека траеше дел од изнесувањето на судијата-известител и на адвокатката на Стојчев, случајот го следеше и претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, која во минатите години беше претседателка и на скопска единица и на Апелација каде се решаваше за овој случај.

Сашко Стојчев и неговиот пријател Симеон Михаилов (двајцата се во бегство) од судијката Весна Димишкова, на 24 декември 2013 година беа осудени за обид за убиство, лихварство, злосторничко здружување и насилство, на единствена казна затвор, доживотен.

Според МВР и ОЈО, тие нуделе од 30.000 до 50.000 евра за убиство на Стојменов. Првиот пат, бомбата била поставена под неговото возило, но не експлодирала. Вториот пат, според истражителите, од непознато лице била поставена нова бомба, која била сместена во корпа за отпадоци. Наводно била активирана преку мобилен телефон. Никогаш не се откри кој ја направил и кој ја активирал. Стојчев според истражителите, наводно на познаничка ѝ дал 700 евра, а на име лихва секој месец земал по 100 евра.

Нивните наводни 13 соработници беа осудени за разни обвиненија. Најмалата казна која ја изрече Димишкова беше 1,4 години, а најголемата 14,5 години затвор. Тие беа принудени на кочанецот Драганчо Стојменов, кој неколкупати ги преживеал нивните напади во скопски Аеродром да му платат и 520.000 денари отштета за претрпени повреди, стрес и страв.

Групата беше обвинета и за недозволено држење оружје и измама преку штипската агенција „Титан груп“. По изрекувањето на пресудите, судијката им се „заблагодари“ на сите обвинети за пораките и за заканите што ги добивал.

– Јас „ќе летнам како гулаб“ како што ми порачавте, но предметот ќе остане во судот и ќе му суди некој друг судија. Добро знам од кого се пораките, нема потреба да именувам – им рече судијката Димишкова на обвинетите.

Таа истакна дека во текот на целиот процес добивала закани, за што веќе биле предупредени и обвинетите на главен претрес. Не само судијката, туку и обвинителката во случајот Вилма Русковска, тврдеше дека добила вербални закани од еден од обвинетите.

Од тогашниот врв на МВР, групата од „Детонатор“ беше претставена како криминално подземје кое било страв и трепет во источна Македонија. По неа следуваа и смени на полициски командири и на началници. Акцијата ја карактеризираа и голем број запленети покер-апарати што не беа дел од постапката.