Број на текстови објавени денес: 50

Авиосубвенциите им пресудија на македонските патници да слетуваат на ниви

%d1%81%d0%ba%d0%be%d0%bf%d1%81%d0%ba%d0%b8-%d0%b0%d0%b5%d1%80%d0%be%d0%b4%d1%80%d0%be%d0%bc2

Авиокомпании „Свис ерлајнс“, „Алиталија“ и „Чех ерлајнс“ се повлекоа од македонскиот пазар со образложение дека летовите кон и од Скопје се економски неисплатливи. Од друга страна, пак, нискобуџетната компанија „Визер“ која се субвенционира од Владата, најавува нови дестинации.

Според статистиката на ТАВ Македонија која стопанисува со скопскиот аеродром, пазарниот удел на „Висер“ за девет месеци од годинава се искачи на 53,5 отсто. Следуваат „Туркиш ерлајнс“ со 8,7 отсто, „Аустриан ерлајнс“ со 6,4 проценти, „Германија флуг“ со 5,9 отсто и „Пегасус ерлајнс“ со 4,5 проценти пазарен удел.

Ова говори дека на македонскиот авиопазар владеат нееднакви услови за работа на компаниите, односно има нелојална конкуренција, коментираат економисти и експерти за транспорт.

– Иако немам податоци во врска со проблематиката, бидејќи тешко се доаѓа до договорите што ги прави владата со компаниите, можам да кажам само дека е тешко авиокомпанија која не е субвенционирана да понуди билет со конкурентна цена на билетот кој е субвенциониран со 30 проценти – вели професорот Вулнет Палоши.

Вања Битољану, сопственикот на првата авиокомпанија во Македонија „Палер“ исто така проблемот го гледа во субвенционирањето на Владата на ниско буџетните авиокомпании.

– Додека Владата го субвенционира „Визер“, сериозните компании ќе мора да напуштат. Не можат да конкурираат со некого на кого државата му дава субвенции. Според тоа, може да се очекува дека и други посериозни компании ќе не напуштат. Нема да летаме до сериозни аеродроми, ќе летаме на алтернативни аеродроми, како што Визер, поради цената, лета таму. Нема да летаме за Париз ќе летаме во околина. Нема да летаме за Брисел, ќе летаме во околина и тоа е – изјави за Радио слободна Европа, Битољану.

Во врска со напуштањето на дел од компаниите од македонскиот пазар од ТАВ Македонија не добивме коментар но затоа пак од таму посочија:

„Во постојана комуникација сме со новите, потенцијални, како и со авиокомпаниите кои веќе летаат од македонските аеродроми со цел на патниците да им обезбедиме разновидна понуда, што вклучува и нискотарифни и регуларни превозници. Поради оваа стратегија за диверзификација различни авиокомпании пројавуваат голем интерес за Македонија. Неодамна нашиот маркетинг тим присуствуваше на Светскиот саем за туризам во Лондон и имаше разговори со повеќе авиокомпании кои се заинтересирани за аеродромите во Скопје и во Охрид. Исто така, како резултат на нашата стратегија за диверзификација, остваривме 16 отсто пораст на бројот на патници во првите 10 месеци од 2016 година што е еднакво на 1.534.591 патници на аеродромите во Скопје и во Охрид“.

Прашањето за субвенциите во авиобизнисот во земјава уште во мај го покрена австриската авиокомпанија „Остриан ерлајнс“, која обвини дека македонската влада поттикнува нелојална конкуренција во авиосообраќајот.

Европската комисија за транспорт и комуникации тогаш изјави:

„Постои загриженост во врска со шемата на финансиски субвенции што македонската Влада ги дава од 2012 година на домашни и на странски авиокомпании кои сакаат да летаат од аеродромот „Александар Велики“, што може да ја наруши конкуренцијата меѓу аеродромите во регионот, а индиректно и меѓу засегнатите авиокомпании“.

ЕК потврди дека во почетокот на оваа година започна истрага во врска со политиките на владата за субвенционирање.

Владата го субвенционира авиопревозникот „Визер“ по два основа. Дел од парите се државни субвенции за секоја дестинација, а дел се субвенции за превезен патник кој заминал од аеродромот „Александар Велики“ во Скопје.

Оваа година за нискобуџетните авиокомпании Владата доделува по 9 евра за секој патник, за следната година цената на субвенцијата ќе биде 8 евра.

Според податоците, во периодот од 2012 година до 2014 година колку што траеше првиот тригодишен договор за субвенционирање на оваа компанија, владата исплатила 3,7 милиони евра. Во 2012 година вкупно на „Визер“ му биле исплатени 25.651.713 денари, во 2013, 75.431.103 денари и во 2014 година 127.573.147 денари.

Министерството за транспорт и врски еднократно исплати сума во износ од 40.000 евра, за секоја од следните дестинации: Малме (Шведска), Базел Милхаусен (Франција), Милано Бергамо (Италија), Ајндховен (Холандија), Дортмунд (Германија) и Меминген, Минхен (Германија). Потоа, уште по 30.000 евра се исплатени за секоја од следните шест дестинации: Стокхолм (Шведска), Гетеборг (Шведска), Париз (Франција), Брисел (Белгија),Франкфурт (Германија) и Келн (Германија).

Дополнително се исплаќани и субвенции за секој патник кој заминал од некој од аеродромите во земјава. Во 2012 година за секој патник „Визер“ добивал по 9 евра, во 2013. По 8 евра, а во 2014 година 7 евра.

Пазарниот удел на „Визер“ во 2014 година за периодот јануари-октомври изнесувал 45,5 отсто.

Компанијата во 2012 година имала 106.513 превезени патници, а во 2013 имала 358.003 патници, додека во 2014 година 469,227 патници.

Какви се бројките на субвенции во периодот од 2014 година досега нема податоци. Поставивме прашања до Министерството за транспорт и врски, но не добивме одговор.

Моментално „Визер“ располага со два воздухоплова на скопскиот аеродром и оперира кон 23 дестинации. Лани со овој авиопревозник биле превезени 794.946 патници, што претставува пораст од 37 проценти во однос на претходната година.

Скопскиот аеродром „Александар Велики“ нуди директни линии до 33 дестинации, а заедно со охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, Македонија моментално има авионска врска со вкупно 35 дестинации.