Број на текстови објавени денес: 26

Шизици, уживајте без ризици на ТАКСИРАТ!

15109370_1649895821703402_8474979139479206543_n

Таксират Фестивал во рамките на своите активности за подигање на јавната свест и промоција на позитивните вредности и годинава се приклучува кон светската кампања за борба против ХИВ/СИДА, организирајќи го настанот на 1 декември, посветен на Светскиот ден на СИДА-та. Настанот е дел од Националната кампања за борба против ХИВ/СИДА поддржана од страна на Светската Здравствена Организација и ќе се одвива под мотото „Шизици, уживајте без ризици – Тестирај се, заштити се, не дискриминирај”.

Овој настан ќе се одржи во МКЦ, Скопје и со БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ за сите посетители, а е замислен како збир на повеќе активности и содржини кои ја третираат оваа тема на различни начини, со цел подигање на јавната свест.

По овој повод во Скопје повторно ни доаѓа познатата белградската хип-хоп тројка BAD COPY, сочинета од контроверзните Sky Wikluh, Timbe и Ajs Nigrutin, творци на некои од најхумористичните рими на овие простори и сопственици на големите хитови „Esi mi dobar”, „Ljubav ili pivo”, „Idemo odma” и „Dzastin Biberi”. Формирани во 1996 година, популарните „бараби”, како што ги нарекува публиката, имаат зад себе 4 студиски албуми: Orbod mebej (1996), Sve sami hedovi (2003), Najgori do sada (2006) и Krigle (2013). Во меѓувреме, членовите на Bad Copy остваруваат поединечни квалитетни соло излети и соработки со истакнати балкански хип-хопери како Marčelo, Edo Maajka, Prti Bee Gee, Beogradski Sindikat и други. Милениците на македонската публика во моментов работат на новиот материјал што треба да излезе до крајот на годината.

 

Со свој концерт овој настан ќе го збогати и македонскиот артист LEPI XHONI (Лепи Џони), соло-проектот зад кој се се крие Љупа Ангелов и неговите нераскажани приказни во својот матичен бенд, психоделичните сурф-диско-панк рокери The John. Љупа овојпат настапува сам со својата гитара и примитивната loop-машина, раскажувајќи ги сировите и искрени скопски приказни во неговиот карактеристичен стил на комбинирање на изворниот гаражен рокенрол од шеесеттите/седумдесеттите и оригиналната модерна скопска трубадурска поезија. Својата прва колекција „Песни”, која Lepi Xhoni ја реализира во октомври 2013-та за сопствената дискографска куќа Jesus Pill & Balam, во соработка со братската PMG Recordings, претставува, всушност, мини-албум со пет полнокрвни аудио парчиња. Една година подоцна го издава синглот „Девојко”, брилијантна обработка на ремек-делото „Гарача” на Драган Ѓаконовски-Шпато. Фолдерот со нови песни на Ангелов од ден на ден се зголемува. Пишува текстови и музика, самиот ја снима и е продуцент на материјалот. Вистински современ „направи сам” проект.

Покрај нив, во музичката програма на настанот со свој DJ сет ќе се претстави и СОЊА ИСМАИЛ.

За време на настанот, во Киното Фросина ќе бидат одржани и проекции на филмовите:
• „Кога облаците пукаат ” на Кумјана Новакова
• „Welcome to Pokrov”, на А. Њувит Бингол
• „Здраво кукло” и „Плукни во шприцот” на А. Њувит Бингол
• и за прв пат ќе се промовира „The Path to Solution” на А. Њувит Бингол.

Во фоајето на МКЦ пак, ќе биде одржана изложба на овогодинешниот „Twitter календар”.