Број на текстови објавени денес: 42
LAKI HOTEL
LAKI HOTEL

Шест компании добија Халал сертификат

%d1%85%d0%b0%d0%bb

Виа пром, Кенди Дооел, Витаминка, Анета компани, Гудас Мит и ХИТ 73 се шесте компании на кои денеска им беа врачени решенијата за исплата по повикот на субвенционирање на претпријатија за воведување и сертифицирање на Халал кои во текот на 2016 година го вовеле овој стандард.

– Во последните три години од кога сертифицирањето го врши Агенцијата за Халал стандард на Македонија, Министерството за економија досега ги кофинансираше трошоците за воведување на Халал системот за 25 компании за што потрошени се буџетски средства во износ од пет милиони денари – рече министерот за економија Дритон Кучи.

Министерот најави дека за идната година за Халал системот предвидени се еден милион и четиристотини илјади денари кои, како што рече, треба да значат поттик за компаниите да започнат со подготовките за сертифицирање и аплицирање по мерките од програмата за конкурентност, иновации и преприемништво за 2017 година. Тој ги повика сите стопанственици да аплицираат на јавниот повик за воведување Халал систем.

– Халал значи дозволено кај исламската религија, но пошироко значи квалитет на одреден вид производи и услуги. Светскиот пазар на халал се проценува на 650 милијарди долари, а европскиот околу 66 милијарди годишно и е најбрзорастечки со стапка на пораст од дури 40 отсто на годишно ниво. Во земјите од Западна Европа Халал е синоним за здрава храна, рече Кучи и посочи дека токму тоа треба да го искористат нашите компании што го воведоа овој стандард.

Директорот на Агенцијата за Халал стандард при ИВЗ, муфтијата Мухамер Вејсели побара од министерот субвенцијата за помалите фирми да изнесува 100 проценти со цел, како што рече, поголемо стимулирање на производните дејности согласно критериумите на Халал стандардот, а посебно за пекарството.

– Да го споменеме фактот дека оваа е четврта година по ред од кога Министерството за економија почна да дели субвенции во висина од 70 отсто за компаниите кои го имплементирале Халал станардот, истакна Вејсели.

Поглаварот на ИВЗ Реис ул улема хаџи Сулејман Ефенди Реџеп рече дека иако ова сертифицирање е започнато со задоцнување, тоа уште од првиот ден откако функционире е ефикасно и успешно.

– Поддршката од Министерстрвото и Владата на Република Македонија дава стимул, и зголемување на бројот на компаниите да конкурираат и во исламскиот свет и во било која друга средина. Се гледа дека и кај нас се бара Халал сертификат кој претставува синоним за здрава храна, рече Реџепи.

Процедурата за воведување на овој стандард трае од пет дена до една година во зависност од начинот на кој компанијата ги исполнува барањата, а чини од 1.000 до 6.000 евра. Договорот за воведување на Халал стандардот е со важност од три години, а сертификатот се издава секоја година. Со Халал стандардот може да се извезува во целиот свет, а е задолжителен во сите земји членки на Конференцијата на исламските земји.

Во светот околу 1,8 милијарди луѓе припадници на исламската вера живеат според халал правилата, односно тоа се потенцијални купувачи на халал производите. Халал пазарот вреди 2,3 билиони долари, а се предвидува дека до 2020 год ќе надмине 6 билиони долари на светско ниво. Во Европа, халал пазарот изнесува околу 70 милијарди долари, а во нашиот регион околу две милијарди долари.

Фото: МИА