Број на текстови објавени денес: 0
LAKI HOTEL
LAKI HOTEL

Шекеринска: Наместо во стиропор, СДСМ ќе инвестира во младите (ВИДЕО)

sekerinska_1011

Во нашиот План за живот во Македонија воведувме студентска легитимација со која студентите ќе можат да добијат попусти во студентските центри, во меѓуградаскиот превоз којшто им е сериозен проблем и сериозен трошок, и сите други услуги што ќе ги направат за нивното студирање да биде поуспешно и полесно, најави денеска Радмила Шекеринска, носителка на кандидатската листа во И.Е. 5, и заменик претседателка на СДСМ на средбата со битолчани.

– Целта на овој План се нашите млади, младите од Република Македонија сѐ повеќе да одлучуваат да останат дома. Тука да најдат работа, тука да започнат семеен бизнис, тука да формираат семејство, а не да заминуваат во странство. Затоа ние сметаме дека државата наместо да вложува во стиропор, треба да вложува во своите млади, бидејќи тие ќе ѝ вратат. Ќе ѝ вратат со подобра економија, ќе ѝ вратат со поголеми семејства, ќе вратат со тој начин што ќе инвестираат во својата татковина. Затоа во нашиот План за живот во Македонија предвидуваме државата да обезбедува 10.000 евра неповратни сретства за почеток на сопствен бизнис од страна на младите во нашата држава. Тоа значи дека со тие 10.000 евра тие ќе можат да размислуваат да помогнат и на македонската економија, меѓутоа да си помогнат и себеси – рече Шекеринска.

Таа истакна дека се планира државата да формира старт ап центри во којшто истите овие фирми формирани од младите во Македонија ќе им обезбедуваат бесплатно сместување, бесплатни комуналии, бесплатно сметководство и сите дополнителни помошни услуги кои се битни за стартување на мал бизнис.

Шекеринска најави можност да се формираат фирми со само едно евро почетен капитал, за да не се обесхрабрат оние млади кои немаат капитал, а имаат идеја.

– Во нашиот План за живот во Македонија вклучуваме и некои европски искуства, затоа планираме да ја воведеме европската младинска гаранција којашто ќе значи дека секој млад човек ќе добие шанса, или да продолжи со своето образование или да добие дополнителна обука и тренинг или да добие шанса за прво вработување. На тој начин голем дел од европските земји ја намалија бројката на млади невработени. Во нашиот План за живот во Македонија сакаме да дадеме шанса на нашите млади да останат дома, да останат со своите најблиски, да останат во татковината, но притоа да обезбедат пристоен живот и за себе, и за своите семејства – додаде Шекеринска во Битола.