Број на текстови објавени денес: 0

Техничката влада се крчка според Пржинскиот модел

bla_10 (1) (1)

Форматот на новата влада е тема за која разговараат партиите, но според неофицијалните информации потписничките на Пржинскиот договор не се баш расположени за некакви поголеми промени, во однос на тоа што веќе е дефинирано во Договорот од Пржино. Во наредните денови на преговорите меѓу партиите главна битка ќе се води околу тоа кој ќе ги спроведе реформите и ќе се организираат избори, а според неофицијалните информации се прават напори за конечно да се одржи нова лидерска средба, на која би можеле да се постават контурите на натамошниот тек на преговорите за излез од кризата. Конечен договор за техничката влада се очекува најдоцна до крајот на месецов.

СДСМ инсистира преодната влада да не биде во истиот формат како претходната, односно како онаа која е утврдена со Договорот од Пржино, но и таму нема некое расположение за големи промени, бидејќи вклучување на нови политички субјекти би одзело дополнително време за преговори. Социјалдемократите, пред сè, имаат забелешки на двојната и поделена одговорност, односно на заменските министри. Според нив, се покажало дека ваквиот формат не е функционален.

Што се однесува до кадрите кои би ги понудиле социјалдемократите, дознаваме дека од партијата би оделе со истите предлози за министри, а новина е тоа што од СДСМ инсистирале да го добијат и Министерството за финансии, што наишло на негодување во владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето дали за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо во техничката влада да се вклучат и нови политички субјекти,од владеачката партија одговараат дека тоа не е предвидено во Договорот од Пржино.

– Во принцип ВМРО-ДПМНЕ го поддржува тоа што е содржано во Договорот од Пржино, а вклучување нови политички субјекти таму не е предвидно. Кога ќе се создадат услови за избори, ќе се формира техничка влада, сто дена пред избори или помалку ќе видиме. Министрите на СДСМ, седум месеци беа во владата и ништо не направија за изборите – вели Котевски.

Тој објаснува дека што се однесува до реформите тие интензивно работат на конкретни предлози што во најскоро време ќе бидат презентирани пред јавноста. Тоа според Котевски ќе бидат предлог-мерки за кои сите вклучително и опозицијата ќе може да даде забелешки. Во однос на Избирачкиот список, Котевски вели дека тие понудиле да се разговара за активна регистрација на гласачите, но од СДСМ не одговориле на овој предлог.

Од ДУИ и ДПА нема прецизен одговор на прашањето каков формат на техничка влада за нив е прифатлив и дали би поддржале во таа влада да влезат и други партии, кои не се потписнички на Договорот од Пржино.

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи вели дека нивниот план за спасување на Договорот од Пржино е во четири точки, од кои две веќе се реализирани.

– Враќање во Собранието и повлекување на аболицијата се реализирани, сега е третата точка во тек, посветеност на Владата на исполнување на препораките на Прибе. Потребно е итно продолжување на дијалогот со цел договарање на неопходните реформи и изборите. Нема да прејудицираме за епилог на разговори што уште не се почнати – вели Османи.

Бидејќи на четирите партии не им текнува дека во т.н. техничка влада треба да вклучат и други партии и граѓанскиот сектор, мора меѓународната заедница да инсистира да се остави простор и за другите, вели професорот Јове Кекеновски.

– Тие би биле балансот и главниот мотиватор на реформите, бидејќи се покажа дека иако големите партии четири месеци го водат процесот, се уште не е на повидок организирање на фер и демократски избори. Анкетите покажуваат дека овие партии го губат кредибилитетот – вели Кекеновски.

Тој објаснува и дека на избори не смее да се помисли без да се деполитизираат Државната изборна комисија, медиумите, судството, Јавното обвинителство и да се остави простор за работа на Специјалното јавно обвинителство.