Број на текстови објавени денес: 87
LAKI HOTEL

Сопатник од „пасатот“ за Дојче веле: Се што кажа Диме Спасов е лага!

dime4

Се што кажа Диме Спасов во вчерашниот тв – настап е лага, тврди во изјава за Дојче веле, Даут Динарица, еден од сопатниците во возилото „пасат“ кое било удредно од возилото „туарег“, што ноќта на 28 октомври го управувал заменик-министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

– Одевме кон паркот кога не удри возило и наместо да застане, продолжи да вози како ништо да не се случило. Поради тоа, свртевме и тргнавме по него, за да му ја видиме регистарската табличка и да го пријавиме во полиција. Се јавивме, го пријавивме бројот на табличката и долго време бевме на телефонска линија со полицијата. Кога возачот запре на семафор, излеговме да му кажеме да застане и да се паркира настрана. Но, тој не застана. Тргна и покрај тоа што во тој момент стигна и полициско возило со ротациски светла. Притоа, не можеше ни да вози право по сообраќајната лента, туку цело време шеташе лево – десно, што укажуваше дека најверојатно е пијан. При тоа бегање удри уште едно возило – раскажува Динарица за ДВ.

Вели дека тие воопшто не знаеле кој е возачот што го удрил нивното возило, а тоа го дознале дури кога полицијата го легитимирала, откако излегол од „туарегот“. Динарица целосно ги отфрла обвинувањата дека на Спасов му се заканувале со оружје.

– Не сме му се заканувале на возачот со никакви пиштоли. По снимката што вчера ја објавија некои медиуми, беше речено дека лицата кои држат оружје биле оние од „пасатот“. Пиштоли си имаа полицајците. Истите тие полицајци и нас не легитимираа и не претресоа. Кај нас не најдоа никакво оружје. Кој сака може да го провери тоа во полиција, ако е целта да се дознае вистината. Но, од ова што го гледаме и слушаме, изгледа дека целта е да шират лаги, само за да се оправда постапката на Диме Спасов – вели Динарица.