Број на текстови објавени денес: 40
DVE-LIRI-Baner6-970x90

Русите ја сакаат македонската ракија

%d0%bc%d0%b0%d0%ba-%d1%80%d1%83%d1%81%d0%ba%d0%b0-%d0%ba%d0%be%d0%bc%d0%be%d1%80%d0%b0

На рускиот пазар најдобро котираат македонската ракија, млечните производи и конзервираната храна. Ова беше подвелчено на денешната прес-конференција на Македонско – руската стопанска комора и „Македонски дом“ од Москва кои потпишаа Договор за соработка.

Потенцијални сектори за соработка се и туризмот и гастрономијата, но македонските производи треба прво да се сертифицираат.

– Сертифицирањето на ракијата почна во мај. Се надеваме дека за еден месец веќе ќе бидат извезени првите количини во Русија – информира генералната директорка на „Македонски дом“ Инна Владимировна Жарова.

Во врска со туризмот, Комората и „Македонски дом“ посочија дека немањето директни, чартер летови е се уште главна пречка за негов развој.

– Интересот за Македонија е голем, но поради немањето директни летови, најпрво ќе почнеме со групи од 15 до 20 луѓе, рече Жарова.

Обемот на трговската размена, пак, континуирано опаѓа во последните неколку години, иако извозот од македонска страна бележи раст.

– Во август годинава Македонија ја посетиле само 551 гостин од Русија или 0,9 отсто од вкупниот број туристи што е многу мал и безначаен резултат. Затоа, посебно ќе се ангажираме на ова поле – рече претседателот на Македонско – руската стопанска комора Ѓорѓи Дика.

За поголема промоција и претставување на Македонија пред руските потрошувачи, до март 2017 година ќе се снимаат репортажи од земјава кои ќе ги прикажат природните убавини, гастро и еко потенцијалите, традицијата, производството на храна, пијалoци,…, а потоа, до крајот на јуни и почетокот на јули, групи руски туристи ќе ја посетат Македонија.

Македонија моментно во Русија извезува производи од земјоделско-прехранбениот сектор и фармацијата. Според статистиката, размената до крајот на септември бележи опаѓање за 12,2 отсто. Двете земји истргувале стока вредна 129,5 милиони долари, а лани тој износ бил 147,6 милиони.

Македонските компании пласирале 8,9 милиони долари повеќе стока. Извезени се производи за 32,2 милиона или 38,4 проценти повеќе од 2015-та.

Значајно е намален трговскиот дефицит од македонска страна и во овој период изнесува 65 милиони долари.