Број на текстови објавени денес: 39

Одбележани 15-години од потпишувањето на Рамковниот договор

DOK-RamkovenDogovor-Potpisi-539x437

На денешен ден пред 15 години беше потпишан Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година, а договорот беше замислен како темел на меѓуетничкиот соживот во државата. Во организација на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор денеска на Попова Шапка се одбележа годишнината од потпишувањето на овој договор.

По овој повод беше организирана и конференција на тема Охридскиот договор; предизвик и гаранција за интеграција. Пред присутните претставници на политичките партии, на законодавната и извршната власт во земјава, и претставници на дипломатскиот кор, зборуваа вицепремиерот задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор Фестим Халили, вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров како претставник на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на ДУИ Али Ахмети, амбасадорот на САД во земјава Џес Бејли и Питер Фејт од Европскиот институт за мир.

– Годинава се одбележуваат 15 години од трагичните моменти и последиците од конфликтот. Духот на Охридскиот договор е вграден во Уставот на земјата и е еден од столбовите за институционална организација. Тој ќе се објаснува и дополнува и ќе продолжи да биде фактор на мирот во Македонија и катализатор на демократијата. Остана уште многу да се работи во неговото спроведување, иако многу се направи, како што се уставните промени, подобрените меѓуетнички односи – рече вицепремиерот Халили.

Според него духот на договорот нема да заврши и Секретаријатот ќе продолжи со неговото спроведување во правец на постигнување на социјалната кохезија согласно препораките од европските институции и ОБСЕ за градење држава со еднакви права за сите.

Вицепремиерот Никола Тодоров посочи дека Охридскиот договор е пренесен на хартија и применет и во законската легислатива.

– Предизвици имало и ќе има, но верувам дека сите ние, Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците имаме и сила и потенцијал, знаење и вештини да обезбедиме развој на нашата земја. Економскиот прогрес, на кој сме стратешки посветени и за кој работиме многу, треба да биде наш приоритет, затоа што кога сме со подобар стандард се надминуваат стереотипите и предрасудите и можеме подобро да бараме решенија за реалните нешта – истакна Тодоров.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети рече дека НАТО заедно со сите други медијатори и државници овозможија со овој договор како еден компромис да се пристапи кон решавањето на нерешените работи од тоа време.

– Нема договор со кој се задоволни сите и Охридскиот договор е компромис што дава можности двете страни да се разберат меѓу себе и да го земат предвид минатото за да не се повтори, бидејќи сите оние што го забораваат минатото не знаат како да ја изградат иднината. Со овој договор заврши војната и трагедијата и јас го ценам како важен документ со кој се решаваат многу состојби за политичкиот статус и проблематика. Има уште многу да се работи бидејќи иако договорот е изгласан во Собранието дел од овие одлуки не се спроведуваат. Сепак, придобивките се што Албанците имаат два универзитета на мајчин јазик, тие се застапени во полицијата и во АРМ, луѓето живеат и работат заедно иако се уште има политички елити што не и сакаат добро на својата земја и служат на некои фактори што не сакаат добро на целиот регион. Мирот, стабилноста и безбедноста се во наши раце и зависат од тоа дали ќе работиме посветено, искрено и чесно за нивно зачувување – рече Ахмети.

Американскиот амбасадор Бејли рече дека САД се горди на нивната улога во постигнувањето на Охридскиот рамковен договор како една пресвртна точка за Македонија.

– Тогаш лидерите е согласија за основите за заедничко почитување и вклученост, оружјето замолкна, што беше и појдовна точка на овој договор. Со договорот се избегна војната и се воспостави мирот. Треба да се продолжи со соодветното претставување, интегрираното образование, доближувањето на работата на локалната власт и нејзина поголема улога во заедницата. Останува уште многу работа и не би биле искрени ако не кажеме дека се уште има недоверба помеѓу различните заедници или граѓаните и институциите – рече Бејли.

Претставникот на Европскиот институт за мир Питер Фејт рече дека визијата на архитектите на Охридскиот договор не беше да заземат страни туку да се спречи страдањето на населението и да се овозможи изградба на Македонија како модерна држава на мир и толеранција со најнапредни уставни одредби за добробит на сите граѓани на патот на евроатлантската интеграција и перспектива.

– Нашиот институт изработи опширна анализа за напредокот во спроведувањето на договорот и претставува најдобар начин да се заштити неговото спроведување како и сет препораки за ажурирање на анализите и статистичките податоци изработени со помош на експерти, ОБСЕ и поддржани од Кралството Холандија. Овој извештај беше изработен минатата година, доставен е до Секретаријатот и содржи препораки за голем број теми како и начин за нивно спроведување со цел; идните генерации во Македонија заеднички да живеат во демократија со владеење на правото – рече Фејт.

Договорот беше потпишан од тогашниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.

Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.

Преговорите биле мошне напнати, бидејќи се одвивале паралелно со вооружени непријателства помеѓу двете страни. Во неколку наврати имаше ризик преговорите да бидат прекинати и конфликтот да ескалира во отворена граѓанска војна.