Број на текстови објавени денес: 0
image003
image003

Институциите пропаѓаат, јавниот морал е загрозен

14123503_10209536094652592_1641228650_o

Критички настроените интелектуалци се децидни – системското зло мора да падне, а граѓаните да ја вратат довербата во институциите. Вакви ставови можеа да се слушнат денеска на дебатата под наслов „Јавниот морал и демократските вредности во Македонија“. На дебатата организирана од друштвото АГТИС од Прилеп, беа презентирани и фрапантни податоци од анкета, според која речиси две третини од граѓаните не им веруваат на институциите. Исто толку од граѓаните веруваат дека иако краде, сегашната влада е добра, бидејќи им дава пари на граѓаните.

Модераторот Сашо Орданоски изјави дека во моментов на македонското општество му се случува сакрализација на власта – процес во кој преку религиски митови, симболизам и популизам власта се обидува да создаде морално нов Македонец, кој ќе биде корумпиран и анти-морален. Новинарот Бранко Героски оцени дека македонското општество е примитивно, претполитичко и поконзервативно од било кога. Тој порача дека против идеите на диктатурата може да се бориме само со подобри идеи.

– Моралното стана патолошко, а патолошкото морално – изјави професорката Тања Иванова и сликовито опиша како во бифето на нејзиниот факултетот порано меѓу професорите се воделе отворени дебати за политиката, додека денес професорите молчат од страв и се игнорираат еден со друг.

И Мерсел Биљали рече дека „да се биде чесен човек денес е срамота“, додека за Здравко Савевски од Левица најстрашно е што моралот недостига не само кај институциите, туку и кај самите граѓани.

Професорката по кривично право Беса Арифи зборуваше за тоа како правниот систем на сегашната власт потсетува на оној од времето на Хитлер.

– Тоа е легалистички корумпиран начин на толкување на правото и тоа е загрижувачки – рече таа.

Професорот Љубомир Фрчковски изјави дека институциите ќе мора одново да ги изградиме, така што тие самите да бидат столбови на моралот.

– Колку што траело рушењето на институциите, толку ќе трае нивното ревитализирање – рече тој.

Освен здружението АГТИС од Прилеп, дебатата беше помогната од Младинскиот културен Центар од Битола и од NED, National Endowment for Democracy.