Број на текстови објавени денес: 0
LAKI HOTEL
LAKI HOTEL

Идната влада ќе мора да работи по евангелието на Прибе

%d1%82%d1%80%d0%b8%d0%b1%d0%b8%d0%bd%d0%b02

Новата влада што ќе биде избрана после изборите на 11 декември ќе треба сериозно да се зафати со спроведување на реформската агенда, а Специјалното јавно обвинителство ќе мора да продолжи да работи, констатираа учесниците на дебатата „Итни реформски промашувања“ што се одржа денеска во организација на Фондацијата Отворено општество Македонија и Македонскиот центар за европско образование, по повод објавувањето на Извештајот за напредокот на земјата на Европската комисија.

Новата влада ќе мора сериозно да се зафати и со економските реформи бидејќи состојбата таму е подеднакво катастрофална и драматична, како и во другите сектори, порача директорката на Фондацијата, Фани Каранфилова-Пановска.

Текстот на извештајот е опскурен, но е таков затоа што е таква вистината за нашето општество, опскурна и мрачна, рече Маја Бојаџиевска, претседателка на Управниот одбор на Фондацијата.

Андреја Стојковски, претседател на Македонскиот центар за европско образование констатираше дека во последниве две години немаме извештај за напредок, бидејќи нема напредок, туку тоа е извештај за државата.

– Во првата или втората реченица на текстот за секое поглавје ја има констатацијата нема никаков напредок во однос на минатата година – рече Стојковски.

Тој потенцираше дека барањето на одговорност и владеењето на правото се двата клучни моменти во извештајот што се однесуваат на подршката на СЈО.

– Не се грижам дека без разлика на тоа кој ќе дојде на власт ќе мора да се утврди одговорноста на оние што го прекршиле законот. Мислам дека ќе се обезбедат законите што ги бараше Специјалното обвинителство – рече Стојковски.

Пораката е условена со две работи, прво одржување на кредибилни избори и второ преземање на итни реформски приоритети како агенда на новата влада, рече Бојан Маричиќ од МЦЕО.

– Во извештајот се користи поостар речник и се вперува со прст кон тоа дека нема политичка волја да се спроведат реформите. Не може веќе да се зборува за тоа дека институциите немаат капацитет или дека законите не се добри, сега јасно се кажува дека нема политичка волја за спроведување на реформите. Македонија се квалификува како заробена држава, доминираат партиските интереси над државните. Сериозно нарушената демократска средина се одразува на иднината на државата – рече Маричиќ.

Ако гледаме објективно, констатираше тој, препораката одамна требаше да ни биде одземена, но спроведувањето на реформската агенда после изборите е веројатно последната шанса.

– Но мора да се нагласи дека реформската агенда не може да и биде оставена само на владата, туку мора да се вклучат опозицијата и граѓанскиот сектор – рече Маричиќ.

Во извештајот јасно се бара финансиска консолидација што значи намалување на долговите, рече Фани Каранфилова-Пановска.

– Европската комисија три години наназад цени дека во Македонија има погрешно водење на јавните финансии, за што е доказ порастот на буџетските дефицити, кои иако велат дека ќе ги намалат, потоа растат. ЕК коментира и дека нема основ за намалување на домашното задолжување и буџетскиот дефицит, бидејќи мерките што ги предлага владата се несоодветни, односно се базираат на оптимистични проценки за тоа каков ќе биде растот. Не може да веруваме дека владата е посветена на фискална консолидација и намалување на долгот поради тоа што многу често има пораст на пензиите, платите и социјалните транфери ад-хок без претходно планирање. ЕК вели и дека загрижува фактот што голем дел од капиталните расходи, односно инвестициите во инфраструктурата, се префрлаат на јавните претпријатија за што тие земаат кредити за кои гаранции дава владата. Овие гаранции стануваат дел од домашниот долг. Проблематична е одредницата на владата да ги тера јавните претпријатија да ја исполнуваат нејзината инвестициска агенда. Рапидно расте надворешниот долг, расте и задолжувањето на домашните фирми на надворешниот пазар – вели Каранфилова-Пановска.

Таа додаде дека ЕК нотира дека имаме структурни проблеми кога станува збор за невработеноста бидејќи немаме кадар со квалификации што ги бара пазарот. Тоа значи дека дури и да порасне бруто домашниот производ не е гаранција дека ќе се намали невработноста. Каранфилова-Пановска рече и дека извештајот констатира дека процентот на сивата економија е висок, поради што малите фирми трпат нелојална конкуренција, дека домашните фирми не ја добиваат поддршката што ја добиваат странските инвеститори, односно дека се дискриминирани, како и тоа дека постои сериозно политичко влијание врз судовите поради што фирмите не може да си ги остварат своите права.

– Власта која ќе дојде по 11 декември ќе мора многу сериозно да се зафати со економските реформи. Таму работата е подеднакво катастрофална и драматична како и во другите сектори, пред се, поради ризикот на нестабилните јавни финансии. Ќе се бара многу ум, дисциплина и одговорност за да може политиките поврзани со економското управување да се постават на трасата за тие да не бидат причина за следниот голем пад – рече Карафилова – Пановска.

Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет,  рече дека кога ни кажуваат дека државата и институциите ни се заробени и кога постои силно политичко влијание не може да стане збор за напредок во слободата на изразување, затворскиот систем или контролата на работата на полицијата.

– Овој извештај е задоцнет, тој требаше да се случи уште во 2012 година, после црниот понеделник. Дикцијата во последниов извештај за напредокот е слична како и онаа во извештајот на Прибе, веројатно ЕК не може да го избегне тоа што беше констатирано – рече Пировска.

Таа истакна и дека е изненадена од тоа што во извештајот не се бара експлицитно формирање на посебно судско одделение и посебно одделение во МВР каде ќе се процесуираат случаите што ги води Специјалното јавно обвинителство.

– Но од објаснувањето што го добивме од евроамбасадорот Самуел Жбогар, тоа што за СЈО е наведено во извештајот, треба така да се сфати – рече Пировска.