Број на текстови објавени денес: 41
DVE-LIRI-Baner6-970x90

Дваесет години затвор за ограбувачите од Велес

razbojnici-fin1478523274_thumb_medium490_0

Тринаесет години затвор доби дваесет и шест годишниот Кемал Ахмети, а неговиот пријател Агим Коруни доби седум години и седум месеци за вооружениот грабеж во Велес во кој од автомобил украдоа четири милиони денари. Ахмети се товари за две кривични дела додека пет години помладиот Коруни за едно кривично дело разбојништво, објави Дума.

Висината на казната на Ахмети, судскиот совет при Основниот суд во Велес ја одредил според правилникот земајќи го во предвид фактот дека тој е повеќекратен сторител на други кривични дела и се уште отслужува затворска казна. И двајцата осудени остануваат во притвор се до правосилноста на пресудата.

Инаку на последната главна расправа и Ахмети и Коруни ги признаа делата за кои се товареа, се покајаа и рекоа дека нема повеќе да им се повтори. Нивните бранители побараа, при одредувањето на казната, судскиот совет да ги земе во предвид олеснителните околности поради тоа што ја признале вината.

Вооружениот грабеж се случи на 8 февруари годинава,на улицата спроти спортската сала Гемиџии, кога двајцата обвинети го запреле автомобилот на агенцијата за обезбедување „Перпетум мобиле“ во кои се пренесувале пари на Стопанска банка. Со пиштол им се заканиле на вработените на Агенцијата кои се возеле со автомобилот, ги одзеле парите и избегале во Градскиот парк. Разбојниците и украдените кутии со пари полицијата ги пронајде во напуштена куќа во паркот. Третиот учесник во вооружениот грабеж, поточно организаторот, се уште е во бегство и полицијата го бара.

Фото: Дума